Skip to main content

Засекогаш во колективната меморија на Охрид

Пет години од смртта на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски

Стојаноски беше универзитетски професор, почитуван, амбициозен, успешен и угледен граѓанин на Охрид.
 |  инфодеск  | 

Денеска се навршуваат пет години од ненадејната и прерана смрт на градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски.

Стојаноски беше универзитетски професор, почитуван, амбициозен, успешен и угледен граѓанин на Охрид.

Животопис:

Јован Стојански роден во Охрид, на 7 август 1970 година. Во родниот град завршил основно (1985 година) и средно економско училиште (1989 година), а во 1990 година почнал да студира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (на насоката деловна економија), каде дипломирал во 1994 година, на тема: „Сметководство на трошоци во мали и средни претпријатија“. На истиот факултет, во 1995 година се запишал на постдипломските студии по маркетинг, а во 1999 година ја одбранил и својата магистерска работа на тема „Политиката на цени во туризмот“. Во септември 2001 година се запишал на докторските студии на Училиштето за бизнис при Универзитетот во Стафордшир во Англија, во областа на политиката на цени во туризмот. Во март 2003 година, на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, ја одбранил докторската дисертација со наслов „Специфични маркетинг стратегии за влез и настап на меѓународните туристички пазари“.

Во политичката кариера беше носител на советничката листа на на СДСМ и коалицијата на локалните избори во 2013-та година и координатор на советничката група на здружената опозиција во периодот 2013-2017 година. Стојановски во октомври 2017 година беше избран за Градоначалник на Охрид.

Проф. д-р Јован Стојаноски, почина ненадејно на 15 декември 2018 година, како последица на инфаркт, а на 17 декември беше погребан на градските гробишта во Охрид. 17 декември 2018 година беше прогласен за ден на жалост.

Во знак на почит и сеќавање на неговото дело, постхумно му беше доделено највисокото општинско признание Патрон на градот – „Св. Климент Охридски“ за 2019 година.