Skip to main content

Закон за пожарникарство

Пожарникарите бараат да им се врати бенифицираниот стаж

Припадниците на противпожарните единици бараат враќање на законските решенија кои беа на сила до 2006 година со што ќе имаат бенефициран стаж  како полицајците, војниците и рударите. Велат дека низ годините им се нарушува менталното и физичкото здравје поради ситуациите на кои се изложени работејќи ја оваа ризична и тешка професија.. Воедно бараат и воведување на старосна граница при вработувањето.
 |  Маја Савиќ  | 
Пожар Охрид

Пожарникарите бараат, со измените на Законот за пожарникарство кои се во процедура, да им се вратат бенефициите кои ги имаа пред децентрализацијата и воведување старосна граница при вработување нови кадри.  До 2006-та година пожарникарите ги имаа истите бенефиции како полициските службеници, војниците и рударите. Потоа бенефицираниот стаж им беше намален од 6  на 3 месеци.  Професијата  е тешка и опасна и при секојдневните интервенции се соочуваме со ситуации кои имаат негативни влијанија врз психичкото и физичкото здравје на пожарникарите, вели командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.

“Бараме да се врати стариот закон кој беше до 2006та год кога бевме под МВР. Откако не презеде локалнта самоуправа не само ТППЕ Охрид туку сите противпожарни единици во Македонија имаме намалени бенефиции. Тоа создава тежина во работењето бидејќи доколку пожарникари кои се примени во раните 20ти години не можат да исполнат услов за пензија , имаат скратување некаде од 4 до 5 годни и треба да работат до 60години, а знаеме дека професијата не го трпи тоа.“- вели Борко Јанкулоски – Командир на ТППЕ Охрид.

До пред 20-тина години како пожарникари можеа да се вработат само лица до 25 годинишна возраст. Ова правилото беше напуштено,  па во противпожарните единици се вработуваа  и лица на возраст над 50 години. Ова за високоризична професија која бара и физичка подготвеност не е дозволиво, вели командирот Јанкулоски.

„Апелираме , во законските предлог измени кои поминаа на комисија да се вметне одредена старосна граница, нека биде до 27 години.“ – додава командирот.

Покрај бенифицираниот стаж и старосната граница при вработување, противпожарните единици имаат проблем и со бројот на вработени. Охридската единица командниот брои 39 пожарникари. Но со оглед на тоа дека покрај Општина Охрид ја покрива и Општина Дебрца  потребно е вработување најмалку на уште 7 пожарникари.  Ова е дотолку повеќе потребно бидејќи Охрид е специфичен град, туристичко место со  објекти од културно наследство, државни резиденции, голем број на туристи и настани во главната туристичка сезона кои ТППЕ ги обезбедува.