ПП опрема во станбените згради во лоша состојба
Неисправни ПП апарати, уништени хидранти, нефункционални панични светла, натрупани ходници претворени во остави, немање пожарен куќен ред и упатства за евакуација на граѓаните кои живеат во зградата, се само дел од проблемите поради кои затајува заштитата од пожари во станбените згради. Состојбата на терен и со одржувањето на противпожарната опрема и со одговорноста и улогата на управителите и заедниците на станари е поразителна, велат надлежните.
Во повеќето станбени згради хидрантите се неисправни или се украдени, ПП-апарати се искршени или воопшто ги нема, нема системи за откривање на пожар, нема пожарен куќен ред. А вежба за евакуација на станари Охрид одамна не видел. Поради сето тоа затајавуа заштитата од пожари во станбените згради кои доведуваат во опасност голем број на станари и брзо се шират при што предизвикуваат голема материјална штета. Кога веќе ќе дојде до пожар интервенцијата на противпожарните екипи е отежната поради неможноста пожарните возила да се доближат до станбените објекти заради бетонските жардиниери, металните столпчиња, рампите и големиот број возила пред зградите. Пожарникарите мака мачат и поради низа други пречки кои ги посочи командирот на охридската ТПП единица Спасе Прентоски при вчерашната интервенција на гаснење пожар во зградта на Туристичка.
„Овие згради треба да имаат противпожарни скали според висината од околу 15 метри. Балконите се преправени во кујни. Терасите се затворени а за надворешна навала може да се интервенира само со скали кукачи за спасување но од терасите нив не можеме да ги поставиме. Дополнителен проблем се дрвата и возилата пред зградите“, вели командирот на ТППЕ, Прентоски.
Сличен е ставот и на инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување. кои вршат надзор на заштитата од пожари. Од таму велат состојбата на терен е поразителна.
„Посебно сакам да напоменам дека имаме проблем во повисоките згради со проодноста на противпожарните скали, често се претворени во шпајзови, складови а тие треба да бидат проодни бидејќи за тоа им е намената. За жал состојбата е поразителна со хидрантската мрежа која секаде е уништена, апарати воопшто нема, паничните светла се искршени. Има недоразбирања во однос на тоа кој да ја чисти, кој да ја одржува против пожарната опрема. Тешко оди дури и доколку има оформено куќен совет.“ вели Сашо Тодоровски – инспектор за заштита и спасување.
Инспекторот Тодоровски вели дека еднаш годишно вршат контрола во зградите. Досега опоменале 10тина згради, посебно повисоките кај Панасоник и други долж Туристичка. Опомените не дале резултат. Предвидени се глоби во законот но проблем е и кој да биде казнет. Голем број згради имаат управители од фирми кои се надвор од Охрид, дел немаат ниту управители ниту формирано заедница на станари, па тешко се лоцира на кого е обврската за спроведување на мерките за заштита од пожари.
На територија на општина Охрид има околу 400 станбени згради. Од нив 240 имале регистрирано заедници на станари, додека пак 150 згради биле кај управителите, информира Инспекторот за домување Славка Шекерџи Ристевска.Таа вели дека секојдневно вршеле редовни контроли, но и вонредни по дојава на граѓаните., но досега во Охрид не е изречена ниту една казна бидејќи прекршоците се решавале со укажување. Инаку инспекторката признава дека заедниците на станари тешко функционираат бидејќи голем дел од становите биле во сопственост на лица надвор од Охрид кои ги користат преку викенд и во лето. Граѓаните кои само повремено престојуваат во становите во Охрид, се должни според одредбите на законот за домување да назначат полномошник, кој ќе ги штити нивните права но и ќе ги исполнува обврските согласно законот.
{loadposition content9}