Пристапот до правда не смее да биде привилегија, туку право за сите
Пристапот до правда не смее да зависи од дебелината на паричникот. Започна регионалниот проект EQUALS, кој е иницијатива на Министерството за правда, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој (АДА), и ќе се реализира во наредните три години со цел унапредување на системот и поедноставување на процедурите, овозможувајќи еднаков и поефикасен пристап до правда за сите.

Бесплатната правна помош ќе им овозможи на граѓаните со ниски приходи, жртвите на семејно насилство, лицата со попреченост и други ранливи категории да добијат правен совет, подготовка на документи и застапување пред суд без финансиски товар
„Во Mакедонија оваа иницијатива ќе се осврне на лицата кои што не можат да си дозволат бесплатна правна помош. Главен партнер е министерството за правда мегутоа и навционалните иснтитуции и граѓанските организации. Ќе работиме во сите осум плански региони на земјата со организации кои ќе обезбедат бесплатни правни услуги на луѓето со квалитетна правна помош.“ – вели Армен Григоријан постојан претставник на УНДП.
„Многу од овие лица не се комплетно запознаени за правата кој што постојат во нашата држава и кој што би можеле да ги остварат од друга страна немаат капацитет да се борат за своите права така да искрено се надевам дека ваквите иницијативи ќе значат голема поддршка и унапредување на нивните права.“- вели д-р Василка Димоска Дејонг од Центарот за лица со попреченост Порака

Во следните три години 150 професионалци ќе бидат обучени кои во рамки на програмата ќе обезбедуваат бесплатна правна помош на 1500 корисници во земјава.
„Според статистичките податоци, досегашните барања за бесплатна правна помош најчесто се однесуваат на имотно-правни прашања, семејни и бракоразводни постапки, изрекување мерки за заштита од семејно насилство, наследни постапки и слично. Во најголем процент станува збор за примарна правна помош што ја обезбедуваат подрачните одделенија на Министерството за правда, но има и барања за секундарна правна помош, односно за назначување адвокат и застапување пред суд.” -вели Ален Деребан заменик министер за правда.
Во континуиран пораст е бројот на граѓани кои ја користат бесплатната правна помош. Само во текот на 2025 година поднесени се повеќе стотици барања при што најголемиот дел се однесуваат на примарната правна помош.
Со проектот се очекува дополнително зголемување на информираноста и достапноста на системот, со што уште повеќе граѓани ќе можат навремено и без финансиска бариера да ги остварат своите права.
Новинар Соња Рилковска