Skip to main content

Промовирани реконструираните фасади на три споменици на културата во Охрид

Промовирани реконструираните фасади на три споменици на културата во Охрид. Куќата на Ѓурчинови, објектот на Радио Охрид и објектот на Магазата беа последно реализираните реконструкции , а во рамки на кои досега се завршени тринаесет значајни фасади во старото градско јадро на Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 

Промовирани реконструираните фасади на спомениците на културата, Куќата на Ѓурчинови, објектот на Радио Охрид и објектот на Магазата. Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска вели дека станува збор за неколку значајни проекти кои се дел од програмата на министерството, а во рамките на проектот за обнова на фасади во старите градски јадра.

„Ова се навистина значајни објекти, кои што се регистрирани како споменици на култура и кои што влегуваат во поголемиот проект на Владата, а тоа е обнова на фасадите во старите градски јадра. Мене ми е посебно драго што во овие објекти се користат истите тие објекти така да и со самите станари имавме можност да поразговараме и од нивна страна да се види чувството на една благодарност во рамките на обновата на фасадите. На сите овие три фасади е целосно завршена покривна конструкција, реновирање на фасадата, орнаментиката, дрвенаријата, така да се ставени веќе во функција и е вратен автентичниот сјај кој е карактеристичен за сите овие три фасади.“-изјави Канческа-Милевска-Министерка за култура.

Директорката на НУ „Завод на спомениците на културата и Музеј“-Охрид, Тања Паскали-Бунташеска вели дека реновирањето на фасадите на значајни објекти во градов продолжува и понатаму.

„За следната година е планирано да се конзервираат уште шест фасади односно четири во Охрид, и две во Струга. Четирите фасади кои што ќе ги конзервираме во Охрид се наоѓаат баш во центарот на старото градско јадро на улицата „Самоилова“, помеѓу Горна и Долна Порта, и црквата „Света Софија“. Исто така морам да изразам задоволство што успеавме оваа година да опремиме четири депоа, проектот за санација на депоата продолжува и наредната година, за кога е планирано комплетно да се изврши санација на ентериерот на куќата на Робевци, заедно со депоата и да се осовремени депото за современа архитектура.“ -изјави Паскали-Бунташеска.

Претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска вели дека реновирањето на фасадите на овие значајни објекти не придонесува само во нивно конечно зачувување туку и во промоција на градот.

„Јас се надевам дека тој проект ќе продолжи секако и во иднина и дека Охрид ќе се најде со значаен број на фасади и во идниот период затоа што конечно, ние сме должни да ја негуваме и убавата слика на градот и автентичната слика за градот, како заради вредноста на тие фасади, така заради жителите на Охрид, и секако заради бројните гости кои доаѓаат во нашиот град.“-вели Гордана Коњановска-Претседателка на Совет на општина Охрид.

Восхит од новите фасади на објектите искажаа и дел од сопствениците на објектите.

„Ова е наш објект, немам многу време да ви објаснувам, стар е повеќе од 400 години, и за прв пат после толку долго време се реконструира кровот и фасадата онака како што налагаат најсовремените прописи и за заштита и за еден објект да остане уште кој знае колку време.“-за ТВМ изјави Сулејман Џело-сопственик на објектот „Магаза“.

Инаку во рамките на проектот за обнова на фасади на објекти во старите градски јадра, досега во Охрид се целосно реновирани и завршени вкупно 13 фасади на значајни објекти и споменици на културата.