Skip to main content

Светскиот ден на лица со посебни потреби одбележан во Инклузивната игротека Радост

Меѓународниот ден на лица со посебни потреби 3-ти Декември денеска беше одбележан во Инклузивната игротека Радост каде дечињата со посебни потреби и ученици од охридките училишта покажаа што е инклузија преку дружење, игра и песна.  Но во делот на вклученост на лицата со посебни потреби во сите аспекти од општественото живеење во нашта држава работите се одвиваат многу бавно.  Дневниот центар за лица со посебни потреби кој му е неопходен на Охрид заглави во бирократија.
 |  Маја Савиќ  | 

Марија Здравеска е млада девојка со прекрасен глас, сака да пее, а учествува и во балетска група за лица со посебни потреби.  Тоа се нешта кои ја исполнуваат и ја прават среќна и и помагаат полесно да се справува со секојдневните предизвици и бариери на кои наидува. 

„Се среќавам со високи тротоари, да бидат пониски за да можеме да се качиме со количките, да има поголем простор на паркинг местата кои се обележани , ама некои луѓе се паркираат баш на тие места, а не се за нив. Знаете како, треба сѐ уште да се работи на свесноста дека постоиме. Да има поголема свесност за сега да нема потреба јас да зборувам за проблеми туку за тоа што сум направила. Јас пеам и танцувам. Сега по повод 3ти Декември имам нова балетска претстава. Јас сум член во студио Еурека.“ – вели Марија од Здружението “Соѕвездие” од Скопје.

Марија денеска со свој настап беше гостинка на настанот по повод 3-ти Декември -Светскиот ден на лица со посебни потреби  кој се одржа во Инклузивната игротека Радост во Охрид.  Дечињата кои го посетуваат оваа  убаво катче заедно со родители и гости ученици од основни училишта од градот се дружеа со музика и игри. Беше поставена и  изложба на ракотворби со новогодишни мотиви.

Инклузивната игротека Радост, која е проект на Здружението ВОПС, веќе една година  е пристапно и безбедно катче  во кое децата со посебни потреби можат да го остварат своето основно право на игра. Родителите можат безгрижно да ги остават своте деца одреден период во денот знаејќи дека за нив се грижат две негователки.  Но исто така претставува место каде се организираат работилници и се создаваат поблиски врски меѓу семејствата .

„Ние како Здружение ВОПС организираме работилници со родителите, со  мајките и останатите членови на семејството. Многу ни е важно да го зајакнеме семејството бидејќи ова се големи проблеми со кои се соочуваат и некако слабеат тие семејни врски па сакаме повторно да ги вратиме, семејството едноставно да биде заедно. А и самото општество какво што е непристапно, овие деца се осудени да останат дома па тука на некој начин им се разбива монотонијата и добиваат малку поинаков живот, како и сите други дечиња.“- вели  Весна Гебелоска од Здружение ВОПС.

Од  Здружението ВОПС  се надеваат дека јавната свест ќе се подигне на повисоко ниво бидејќи лицата со посебни потреби треба да се вклучат во сите аспекти од општественото живеење, да добијат услови и фер шанса во животот. Благодарни се на Општина Охрид што го добија просторот во поранешната касарна каде е сместена игротеката. Посочуваат дека на Охрид му е неопходен  и Дневен центар којшто ќе ги згрижи овие деца , едно место на кое тие достоинствено ќе го поминуваат денот, ќе добиваат терапии кои им се неопходни за нивниот развој. Но на тој план во нашта држава работите се одвиваат многу бавно.

„Нашиот проект за Дневен центар е одобрен од Министерството за труд и социјална политика, лани во декември го потпишавме договорот , меѓутоа се соочивме со проблем со просторот кој Општина Охрид ни го дава и немаме никаков проблем од општината. Овој проблем околу просторот требаше да помине на Влада и настана голем проблем да се соберат сите документи, што еве трае со месеци. Многу ќе ми биде жал ако не успееме да го реализираме затоа што со години се бориме. “- вели Гебелоска.

Општина Охрид  е апликант со проектот за Дневен Центар за лица со посебни потреби  за кој е добиен  грант од Светска банка и сите активности треба да бидат завршени до јуни 2024 година, но доколку навреме не помине на Влада, средствата нема да може да се искористат.