Снегот и ниските температури го отежнуваат сообраќајот
Остатоците од снег и ниските температури го отежнуваат сообраќајот. Повеќето патишта во охридско струшкиот регион се проодни. Од вчера укинати се забраните за сообраќај на тешки возила кон Ѓавато и граничниот премин Ќафасан. Но, поради ниските температури на повеќето патни правци има појава на голомразица и лизгав коловоз, се препорачува внимателно возење, особено на патот Струга- Дебар поради појава на одрони.
Екипите на Македонија пат и Јавните комунални претпријатија на терен, се расчистува и се посипува со абразивни средства.
„Сите правци се проодни, се работеше 24 часа непрекинато.Само за еден ден потрошивме 100 кубици абразивен материјал. Како секција Струга располагаме со три товарни камиони со нож и соларки. Патот Струга Дебар е прооден но потребно е внимателно возење поради тоа што на места има остатоци од кашест снег. Да се вози внимателно во зимски услови.,-изјави телефонска изјава Дестан Бајрами раководител Македонија пат Струга
Дел од повисоките планински села на Јабаница, Долни Дримкол и Малесија, остануваат отсечени. Тие се последни на листата за расчистување, во некои нема ни можност за пристапност со механизација, но жителите таму се подготвени, нема пријави за помош до ЦУК.
„Потсетивме и апелиравме граѓаните кои живеат на повисоките места покрај тоа што навремнео треба да се снабдат со основни намирници и лекови препорачавме да се движат внимателно дури и пеш бидејки наместа особено на осојните повисоки места е можна појава на голомразица”, информира во телефонска изјава Илија Бојаровски од ЦУК.
Снежните наноси предизвикаа проблеми со електричното напојување во десеттина села во Кичево, Охрид и Ресен.
Од Планинската спасителна служба Охрид велат деновиве имале неколку интервенции за извлекување на заглавени возила на планината Галичица. Од таму апелираат граѓаните да бидат совесни и да ја почитуваат забраната за движење на патниот правец Охрид Ресен преку Галичица.