Skip to main content

Со реконструкција на двете пристаништа во Охрид до подобри услови за бродовите и едрилиците

Со реконструкција на двете пристаништа во Охрид ќе се задоволи долгогодишната  потреба  од  марина. Проширување и модернизација, со што  ќе се обезбедат  неопходни услови за бродовите и едрилиците.
 |  инфодеск  | 

Несоодветни услови, оштетени пловила,  недостиг на  инфраструктура – се  проблемите  што со години се провлекуваат на Охридското Езеро.  Надлежните најавуваат реконструкција и модернизација на двете градски  пристаништа.

Проектот треба да донесе поголем капацитет и подобри услови за пловидба, со што се очекува да се задоволи  потребата од современа марина во Охрид.

 „Изградба на уште еден крак, продолжување на постојното пристаниште, овозможување на сите потребни услови, како што е електрична енергија за напојување на бродовите на еколошки начин, наместо дотурање гориво како што се прави сега”, вели Александар Николоски министер за транспорт и врски.

Потребата од наутичка инфраструктура особено за еколошките пловила, едрилиците кулминираше оваа зима. Поради несоодветни услови на централното пристаниште  три едрилици претрпеа сериозни штети,  а една од нив и потона.

„Во секој случај, да, за поздравување е одлуката на Министерството за транспорт и врски за реновирање на пристаништата и нивна модернизација, односно да ги имаат основните, минимални технички услови за сместување на пловилата. Ова пристаниште, за разлика од другото што го имаме, е изградено во минатиот век..”, вели Стефан Ставрев претседател на Едриличарска федерација.

Проектот веќе има  првична согласност од УНЕСКО во Париз, а деталите ќе се финализираат по нивните забелешки. Уредените пристаништа се очекува да бидат готови до почетокот на идната сезона.

Новинар Соња Рилковска