Стопанствениците на плажите сериозно да ја сфатат потребата од ангажирање на спасители
Сезоната за капење во Охрид започна, а седум плажи на охридското крајбрежје ќе добијат и спасители на отворени води. Од единаесетте пријавени во Центарот за безбедност на вода при охридскиот Црвен крст, само шест лица ја завршиле обуката. Обуките коишто се изведуваа во јуни беа по сите стандарди на Меѓународната федерација за безбедност на вода, чии лиценци и акредитации за работа се валидни насекаде во светот. Од година во година, се помал е одзивот кај младите да се занимаваат со оваа доблесна професија, вели Сашо Точков, Претседател О.О. Црвен Крст Охрид.
„За жал, одзивот што го спомнувам, години наназад е многу мал. Младите се се помалку заинтересирани, не знам од кои причини, претпоставувам дека бавењето со спасување на вода не е лесна работа, одговорна работа е, а дел од нашата младина гледаат да имаат што помалку одговорности, што полесно да дојдат до заработка, што во случајов не е така лесно.“ – изјави за ТВМ , Точков.
Според законот и правилникот за видот и обележување на капалиштата, сите уредени капалишта мора да имаат спасители на вода и други реквизити набљудувачници, а онаму каде нема, концесионерот да истакне дека таа плажа не е безбедна, односно дека нема реквизити и спасители на вода. Годинава, спасители на вода ќе добијат плажите: „Метропол“, „Голден бич“, три плажи кај Автокампот „Градиште“, плажата кај хотелот „Инекс Олгица“ и плажата „Св. Наум“.
За годинешнава обука беше најавено учество и од албанскиот црвен крст, со десеттина кандидати за спасители коишто ќе се обучуваат овде за спасители на отворени води, за да потоа работат на морето во Албанија и на Охридското Езеро од Албанска страна. Но, тоа за жал не се случи, – вели Точков.
„Иницијативата беше обострана од организациите и на Црвениот Крст од Охрид и на Црвениот Крст од Албанија и го подготвувавме тоа цели два месеци, јануари и февруари. За жал, и тие имаат проблем со заинтерсираноста, со млади луѓе коишто би се обучувале за спасители и не успеаја да најдат ни до десет лица кои би дошле овде да се обучуваат, па така обуката се одложува за некој подобар период, можеби Септември оваа година, или во наредната година. “ – вели Точков.
Црвен Крст Охрид и Центарот за безбедност на вода на Црвениот крст на Македонија може да се пофали со тоа дека е на ниво на врвните организации во целиот свет, особено во делот на подготвеност и дејствување при катастрофи, во делот за безбедност на вода и безбедност на планина. Поразителен е фактот, што од година во година се послаб е интересот кај стопанствениците и воопшто заедницата за ангажирање на спасители на плажите и покрај оромниот збирен број на интервенции на спасителите на крајот од речиси секоја туристичка сезона. Исто така, слабиот интерес кај младите да се занимаваат со оваа одговорна професија е резултат покрај другото и на несериозноста во обврските кои кон спасителите ги имаат концесионерите на плажите.