Skip to main content

УИНТ „Св. Апостол Павле“ : Создаваме клима за што поголем број млади жени во науката

Поддршката на младите жени и девојки во науката, технологијата, инженерство и математиката е неопходно за нивниот огромен потенцијал да дојде до целосен израз без нееднаквости и предрасуди. Во земјава бројките говорат дека повеќе од половина од истражувачите се жени. Таквиот тренд се гледа и на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св Апостол Павле“ во Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

Македонија е една од ретките земји во Европа кадешто повеќе од 50% од вкупниот број истражувачи се жени, што е показател за огромниот потенцијал на жените и девојките кои избрале професионално да се реализираат во науката, технологијата, инженерството и математиката. Овај тренд се пресликува и на УИНТ „Св. Апостол Павле“ во Охрид каде денеска беше одбележан Меѓународниот ден на жените и девојките во науката.

Нашата цел е подобрување на климата во државата и во градот Охрид за што поголем број млади жени да се реализираат во STEM ( наука, технологија, инженерство, математика) професиите, велат од универзитетот.

Можеме да се пофалиме дека повеќе од 50% имаме студентки кои се и тоа како веќе реализирани професионално во значајни информатички фирми. Тие работат и свои бизниси, но сето тоа не ќе беше можно ак не се работеше на освестување што значи да се биде жена или девојка во науката. “ – вели Проф. Мерсиха Исмајлоска од УИНТ „Св Апостол Павле„ – Охрид.

Треба жените и девојките да се поттикнат да се вклучат во науката, особено во STEM науките. Кај нас произлегува дека таков поттик не е потребен, можеби треба да славиме ден кадешто мажите и момчињата треба да се поттикнат повеќе да влезат во науката и во STEM науките особено бидејќи процентите кажуваат дека имаме повеќе жени научници од мажи.“ – изјави Проф. д-р. Иван Бимбиловски , Ректор на УИНТ „Св Апостол Павле“ – Охрид.

Меѓутоа, потребна е уште поголема поддршка за девојките и младите жени да се охрабрат и да влезат во STEM професиите со цел во иднина да има уште повеќе млади жени инженери и научници кои ќе придонесуваат за развојот на државата. Тоа е препознаено од научната заедница и од државата, но секогаш може повеќе и подобро, вели Проф. Мерсиха Исмајлоска.

Државата дава стипендии на државно ниво, има повици на кои учествуваме и ние тука како кадар на УИНТ. но секогаш може подобро и повеќе. Имам впечаток дека се повеќе студентките и жените во науката бараат стипендии надвор од државата и пристап до надворешни фондови, така да верувам дека ќе се создаде една клима кадешто тоа ќе биде рамноправно. “ – вели Проф. Исмајлоска.

На настанот во информатичкиот универзитет во Охрид студентите проследија мотивациски говори и инспиративни приказни од реномирани професорки и научнички. На најуспешните студенти им беа доделени 18 стипендии, потпомогнато од Амбасадата на НР Кина во Македонија.

„Повеќе од половина од добитниците на стипендиите се девојки. Тоа оди во прилог на тезата дека државата, образовните институциии целото општество вложува напори кои вродуваат со плод жените и девојките да се вклучени во науката. – кажа Проф. д-р. Бимбиловски.

Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, усвоен од ООН во 2015 година, има за цел да го истакне значењето на создавање клима во која потенцијалот и интелигенцијата на жените ќе дојдат до израз во СТЕМ професиите односно наука, технологија, инженерство, математика, без родови нееднаквости и предрасуди.