Skip to main content

УНЕСКО во јули идната година повторно ќе го разгледува статусот на Охридското езеро

Само како последно средство , ако нема слух за препораките, Комитетот за светско наследство може да размисли да го отстрани имотот од списокот на светско наследство, велат од Комитетот за Радио Слободна Европа.
 |  инфодеск  | 
ОхридскоЕзеро

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), во јули идната 2025 година повторно ќе го разгледува статусот на Охридското езеро како светско и културно наследство, пренесува Радио Слободна Европа.

„Најмалку од 2017 година, состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион е загрижувачка за Комитетот за светско наследство, особено поради влијанието на човековите активности и развојните проекти. Затоа, локацијата е предмет на внимателно следење од страна на УНЕСКО и експертите на неговите советодавни тела, што вклучува доставување чести извештаи од државите членки за состојбата на зачувување на локацијата“, велат од УНЕСКО за РСЕ.

Центарот за светско наследство во март 2024 година спроведе мониторинг мисија на терен. Извештајот на мисијата уште не е објавен, но од УНЕСКО велат дека е во завршна фаза. Тој треба да обезбеди целосна проценка за тоа колку се спроведени претходните препораки и може да формулира и нови препораки доколку е потребно.

На прашањето на РСЕ дали УНЕСКО би можел да го избрише Охридското езеро од списокот на светско културно наследство, од организацијата велат дека тоа никогаш досега не било разгледувано како опција. Комитетот за светско наследство може да одлучи да го запише на списокот на светско наследство во опасност, што дава дополнителни можности за техничка и финансиска помош и за меѓународна соработка.

Само како последно средство , ако нема слух за препораките, Комитетот за светско наследство може да размисли да го отстрани имотот од списокот на светско наследство, велат од Комитетот за Радио Слободна Европа.

извор: Радио Слободна Европа