Skip to main content

Црвен Крст Охрид и тимот на Армада израдуваа 40-тина дечиња со предновогодишна едукативно-забавна прошетка со брод

40-тина дечиња денеска за прв пат уживаа во пловидба со брод по Охридското езеро. Се забавуваа на бродот Армада, научија нешто повеќе за градот и за радоста да биде целосна добија и новогодишни пакетчиња од Дедо Мраз. Предновогодишна едукативно-забавна прошетка ја реализира Црвен Крст Охрид во соработка со Општина Охрид, а со поддршка на Елена Лотеска Наумоска, сопственик на Армада и Проф. Климент Наумов како туристички водич.
 |  Маја Савиќ  | 

40-тина дечиња од семејства во социјален ризик во придружба на своите родители и волонтери од Клуб на млади при Црвен крст Охрид уживаа во предновогодишна едукативно-забавна прошетка по Охридското езеро со бродот Армада. Крстарењето беше уште една хуманитарна акција на Црвен крст Охрид во радосниот месец декември, месецот на дарувањето.

„Одлучивме предновогодишните празници да ги израдуваме дечињата од социјален ризик на малку поинаков начин, да им организираме една прошетка со брод , крстарење крај стариот дел на градот кадешто ќе можат да уживаат во прекрасна глетка и секако со туристички водич да научат и нешто повеќе за градот. Воедно Дедо Мраз им подели пакетчиња за да ја почувствуваат и сите заедно да се радуваме на новогодишната еуфорија што ни следува.“ – изјави Калина Стојаноска – волонтерка Клуб на млади Црвен Крст.


Дечињата со голем интерес и љубопитност ја слушаа приказната за Охрид и охридските знаменитости, раскажана од Проф. Д-р Климент Наумов, туристички водич.

Волонтерите од Клубот на млади под мотото „ЕДНО ПАКЕТЧЕ – МНОГУ ЉУБОВ“ заедно со претставници на општина Охрид и Дедо Мраз подарија новогодишни пакетчиња на секое дете.

Бродот Армада во своето работење ја инкорпорира општествено одговорната компонента често организирајќи едукативни екскурзии за дечиња од охридската градинка и основните училишта. Денеска капетанот Елена Лотеска Наумоска и целиот тим на Армада беа посебно среќни што на дечињата кои до сега немале можност да се возат со брод по езерото им овозможија да се забавуваат и заедно да создадат убави спомени.

Со радост ја прифативме поканата од Претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков да учествуваме во оваа екскурзија и доделување на пакетчиња на дечињата. Не послужи времето, прекрасен сончев ден. Ние максимално се потрудивме и се надевам дека им ги стопливме срцата.“ – кажа Ѓоко Наумовски- сопственик на бродот Армада.

Интересната пловидба беше реализирана во соработка со општина Охрид. Заштитниот знак на бродот Армада, „БЕЗБЕДНОСТ ПРЕД СЕ“ и на оваа пловидба беше запазена со обезбедено присуство на тим на спасители на вода и медицински тим на Црвен крст Охрид, со соодветна опрема.