Skip to main content

сдсм охрид

Шајн на последниот прес пред изборниот молк: Ви ветувам работа, враќање на достоинството на Охрид и на охриѓани, ветувам отвореност, отчетност и искреност, без популизам и без манипулации

Охрид заслужува Градоначалник и Совет што ќе работи за градот, а не против него, за Охрид што ќе се движи напред, за сите, а не само за малкумина. Оваа порака ја испратија од денешната последна прес конференција пред изборниот молк, Кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата Асен Шајн и носителот на советничка листа, Јане Тодороски.
 |  инфодеск  | 

Ви ветувам работа, враќање на достоинството на Охрид и на охриѓани, ветувам отвореност, отчетност и искреност, без популизам и без манипулации, кажа на последниот прес пред изборниот молк, Асен Шајн, кандидатот за Градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата.

-Изминатиов период бевме сведоци на нешто што навистина го потценува секој еден граѓанин на нашиот град. По години неработа, во последен момент започнаа проекти што одамна требаше да бидат завршени – без јасна визија и со единствена цел да се соберат политички поени. Иронијата е уште поголема кога ќе се сетиме како истите тие ја обвинуваа претходната власт за предизборно асфалтирање, а денес прават токму тоа – со лицемерие што не може да се сокрие, рече Шајн.

Шајн кажа дека верува во охриѓани кои чесно работат, создаваат и се грижат за својот град, во младите кои сонуваат да останат тука, во скромни, вредни и искрени луѓе што со труд го носат Охрид напред и се вистинската сила на градот. Поради нив, рече Шајн, верувам дека можеме поинаку, со работа, ред и заедништво.

-Оваа кампања, за жал, покажа и нешто многу позагрижувачко – притисоци, уцени и манипулации врз граѓаните, поткупи и страв што се користат како средство за задржување на власта. Тоа не е демократија. Тоа не е локална самоуправа во служба на граѓанинот, потенцира Асен Шајн.

 Носителот на советничката листа, Јане Тодороски кажа дека овие избори не се само натпревар на партии и кандидати – тие се избор за тоа кој навистина ќе работи за граѓаните на Охрид.-Нашата задача е да бидеме ваши очи и уши во институциите, да ги отвориме вратите што предолго беа затворени за обичниот човек.

-Ветуваме дека секоја одлука што ќе ја донесеме, ќе биде во интерес на граѓаните, а не на поединци. Ќе бидеме совест на градот – коректив, чувар на јавниот интерес и поддршка за секоја добра идеја, без разлика од каде доаѓа, кажа Тодороски.

Истакна дека листата на кандидати за советници е силен тим од  луѓе што доаѓаат од различни професии, кои ги обединува љубовта кон Охрид и желбата за промена.

-Веруваме во Охрид каде советот ќе биде место на дебата и решенија, а не на партиски калкулации. Општина што ќе слуша, ќе соработува и ќе гради – транспарентно, одговорно и со грижа за секој жител, од најмладиот до највозрасниот, посочи Јане Тодороски.

 Шајн, Тодороски и кандидатите за советници им порачаа на граѓаните на 19-ти октомври да изберат број 5 за нормален, достоинствен и пристоен живот за сите, Охрид што ќе се движи напред, за сите, а не за малкумина.