Skip to main content

Штафетно нуркање на здив, интересен настан со силна порака за мир

Денеска во водите на Охридското езеро се одржа интересен настан со хумана порака за мир во светот. Кај малото пристаниште учесниците во штафетното нуркање пливаа 25 метри во должина со еден здив. Настанот е во рамки на фестивалот на водени спортови , а го организира Црвен крст по повод 80 годишниот јубилеј. Специјален гостин беше човекот амфибија, Јане Петков Сандански, Бугарија.
 |  инфодеск  | 

„Штафетно нуркање за мир“ се одржа денеска на пладне во водите на Охридското езеро кај малото пристаниште. Меѓународниот настан е дел од Фестивалот на водени спортови, а по повод одбележувањето на јубилејот 80 години Црвен крст Охрид. Во време кога светот никогаш не бил поразединет, целта е да се обединат луѓето со слободумни и хуманистичка пориви и да се испрати порака за мир, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

-Да испратиме една силна порака, симболична порака за мир, почитување и толеранција насекаде во светот бидејќи во овој момент во целиот свет има 60 воени конфликти, значи се водат преку 60 војни такашто еднаш луѓето треба да се вразумат и да се посветат на љубовта, почитување, толеранција и да завладее мир. Тоа е нашиот императив од кој се водевме за да ја организираме оваа манифестација, изјави Точков.

На обележаната патека во должина од 25 метри својата психовизичка подготвеност за нуркање на здив ја испробаа сите оние кои се пријавија за учество. Меѓу нив и Наум Стојаноски кој е спасител во Црвен крст и нуркач во НЦ Амфора. Наум изрази надеж дека штафетното нуркање на здив како интересна активност ќе биде мотивација за младите и возрасните да спортуваат и да се рекреираат.

– Овој настан за мене претставува можност да сум дел од хуманите луѓе и заедно сите да испратиме една силна порака за мир. Исто така се надевам дека преку овој настан и преку сите други во рамки на Ohrid Water festival ќе ја мотивираме јавноста да почне да практикува здрави животни навики преку сите тие настани, изјави Стојаноски.

Kако специјален гостин во Штафетното нуркање за мир учествуваше и човекот „амфибија“, 71-годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија. Петков нуркаше 25 метри со едната рака врзана за телото. Тоа е многу тешко за изведување, вели Петков, дури потешко од минатогодишниот предизвик во Охридското езеро, кога под вода, врзан во вреќа. се ослободи од синџири на рацете.

-За прв пат тоа го правам денеска во езерото. Во Сандански го испробав, тренирав во базен, на помало растојание. Сега за прв пат во многу постудени води и на растојание од 25 метри ќе нуркам. Треба да се испушти поголем дел од воздухот за телото да може да нурка под водата , да не испливува на површина , а остатокот од воздухот да се респредели за да може да се испливаат 25-те метри со еден здив. Со силата на мислата и длабоко дишење може да се контролира телото и работењето на срцето при вакви предизвици, изјави Петков.

Петков се заблагодари на Црвен Крст Охрид и на претседателот Точков за оваа можност да испрати порака за мир меѓу народите, бидејќи како што истакна, нема ништо поблагородно од тоа. Посака овој настан од следната година да биде поголем и во иднина да се организира и подвиг за Гинисовата книга на рекорди кој ќе биде посветен на Охрид, на Црвен крст и на Македонија.