Skip to main content

ЈУНП Галичица доби нов  тригодишен грант од Фондот за природа PONT

Од сите заштитени подрачја кои Фондот за природа ПОНТ ги поддржува, НП Галичица има постигнато најдобри резултати, поради што добива највисок грант за следните три години. Ова го истакна денеска директорката на фондот, Миријам де Конинг на потпишувањето на договорот за финансиска поддршка со која паркот ќе ги реализира своите определби, ќе продолжи со имплементација на досегашните,  но ќе реализира и нови проекти.
 |  Маја Савиќ  | 

Јавната установа НП Галичица доби нов  тригодишен грант од Фондот за природа – Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.  Договорот денеска го потпишаа директорот на ЈУНП Галичица Александар Бузлевски и директорката на ПОНТ, Миријам де Конинг.

Станува збор за значителен износ на средства кои ќе му помогнат на националниот парк да продолжи и понатаму успешно да ги спроведува своите оперативни определби и започнати проекти, но и да отпочне со реализација на нови.  Главен приоритет на паркот и понатаму е  некористење на природните ресурси, односно заштита на природата и одржливост на паркот со самофинансирање. Од 2018та година ова е трета финансиска поддршка од Фондот за природа за НП Галичица. Директорката на ПОНТ потенцира дека е задоволна од тоа како се искористени средствата и од постигнатите резултати досега.

„Соработката ја започнавме во 2018та година и не знаевме каде ќе не однесе тоа патување, но мислам дека постигнавме голем напредок, главно со трудот на тимот на НП Галичица. Сакам да им честитам на добро завршената работа досега. Среќна сум што ги гледам тука и партнерите на паркот како МЕД, Црвен крст Охрид и Патагонија чија помош и поддршка е многу значајна во менаџирање на олку голема територија . Од 11 заштитени подрачја кои ПОНТ ги поддржува, морам да признаам дека НП Галичица има најдобри резултати и затоа добивате и највисок грант за претстојните три години. Со нетрпение ја очекувам реализацијата на оперативниот план кој го составивте  како тим. “ – кажа Миријам де Конинг .

Планот на НП Галичица за следните три години опфаќа ревизија на Планот за управување со паркот, подобрување на условите за туризам и рекреација, заштитата на природата преку мониторинг на биолошката разновидност, непосредна заштита, активно управување со природните ресурси и подигнување на јавната свест за заштитеното добро.

„Овој договор подразбира тригодишен грант со кој нашата установа се искачува директно на врвот во нашата земја и е највреден потпишан договор во досегашното работење на Јавната установа Национален парк Галичица. Сите ние се потрудивме и дадовме се од себе сето ова да биде во најдобро светло и како пионери во нашата земја се надевам дека ќе продолжиме по овој пат да ја сакаме планината како досега и отсега.“ – Александар Бузлевски, директор на ЈУНП Галичица.

Оперативниот план кој ќе се реализира со помош на грантот предвидува промени во зонирањето со тенденција за зголемуање на зоните за строга заштита и активно управување преку ревизијата на Планот за управување. Ќе се спроведува нов проект „Заштита на медитерански шуми“ преку програмата на Интерег. Ќе започне со реализација In situ мерка на заштита на ендемичен вид под закана од исчезнување. Репродуктивниот центар за европски елен кој од почетните 30 се намножи на повеќе од 150 единки ќе продолжи да функционира.  Идентификацијата и мапирањето на дивоградби во рамки на паркот што започна минатата година со снимање на урбаните опфати кои припаѓаат на Општина Охрид во наредниот период ќе продолжи со снимање на преспанска страна. Во делот на едукација и подигнување на јавната свест ќе продолжат проектот Граѓанска наука и Мрежата за искуствено учење. Во делот на подобрување на условите за туризам предвидени се нови летниковци и уредување на  пикник места, поставување вендинг машини, унапредување на продажба на сувенири. Аплициран е проект до Еу за Преспа за еколошки бродови и понтонски пристаништа за прошетки по Преспанско езеро и околу островот Голем град .

Покрај сите овие активности и во следиот период ќе се работи на продлабочување на партнерството на Националниот парк Галичица со здруженија,  институции и други национални паркови. Досега НП Галичица има успешна и плодна соработка со Македонско еколошко друштво (МЕД), Црвен крст Охрид, Урсус спелеос, Планинската спасителна служба, АК Патагонија и Општините Охрид и Ресен.