Skip to main content

Ќе се легализираат куќите во заштитениот крајбрежен појас

Околу 150 семејни куќи  на брегот на Охридското езеро, изградени пред 20, 30 и повеќе години во заштитениот крајбрежен појас ќе се легализираат. Сопствениците на куќи во појасот од 50 метри од брегот во стариот дел на Охрид, Трпејца, Пештани, Канео, Андон Дуков, Струга, Калишта и Радожда ќе можат да поднесат барања за легализација согласно новите предлог измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Измените се доставени до Собранието на Р Македонија, но екологистите предупредуваат на недостатоци.

 |   | 

Ќе се легализираат дивоградбите во заштитен крајбрежен појас од 50 метри на природните езера во државава. Денеска во Собранието на Р Македонија поднесен е Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.Сопствениците на куќи во појасот од 50 метри од брегот во стариот дел на Охрид, Трпејца, Пештани, Канео, Андон Дуков, Струга, Калишта и Радожда на Охридското езеро, како и населените места покрај Преспанското и Дојранското езеро ќе можат да поднесат барање за легализација .Ретроактивно, измените на законот ќе овозможат на сите граѓани на кои им било одбиено барањето за легализација на индивидуална куќа изградена во крајбрежниот појас, да им се поништи решението за одбивање и да им се продолжи постапката за утврдување на правен статус на  објектот. Заради спречување на урбана злоупотреба на законот истиот се однесува само на објекти за индивидуално домување.

На брегот на Охридското Езеро во Охрид и Струга неофицијално има околу 150 куќи изградени пред 20, 30 па дури и пред 50 години кои ќе можат да го решат правниот статус со новите измени. Еден од условите  да се легализира објектот е сопственикот да даде изјава на нотар со која се согласува да не бара оштета од државата ако објектот биде поплавен. Но тоа е за штетата која од природни неприлики може да ја претрпи граѓанинот додека пак се поставува прашањето за обратното влијание на градбите во заштитен појас врз природните водни ресурси.
За тоа реагираат екологистите. Факт е дека Министерството за животна средина, често, давало негативни мислења за голем број од објектите врз основа на Законот за води, според кој на 50 метри од брегот не смее да се градат никакви објекти – што е и наведено во објаснувањето на самиот предлог закон за менување, посочуваат тие.

Побаравме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање дали од нив било побарано мислење за предложените измени и дали  дадените негативни мислења за објектите во минатото сега со новите измени ќе бидат ништовни. Од таму писмено ни одговорија дека од министерството било побарано мислење но за неговата содржина како и на другите наши прашања ќе ни биде одговорено во текот на утрешниот ден.

Екологистите предупредуваат на моментот на изземање на Министерството за животна средина со новите предлог измени. Односно досега според Закон за легализација доколку дивоградбата е изградена во заштитни зони на крајбрежјата на природните и вештачките езера и речните корита, надлежниот орган, по службена должност прибавува согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање. Сега со предлог измените ова нема да важи во случаите кога бесправниот објект изграден во заштитен крајбрежен појас е со намена за домување, велат од Невладината еколошка организација ФРОНT 21 42.
Се поставува прашање од каде и врз основа на која научно издржана студија се донел заклучок дека овие објекти немаат и не би имале никакво влијание врз животната средина до тој степен па дури и да се исклучат надлежностите на Министерството. Одземање на оваа надлежност е дрско и неуставно, вели Александра Бујароска  од Фронт 21 42.

{loadposition content9}