10 работи кои мора да се направат во Охрид според експертот за туризам Дејвид Хофман
Хофман ја напиша првата репортажа посветена на Македонија.
Возете се со кајче во Охридското Езеро, направете фотографија од црквата “Св.Јован Канео”, посетете ја Светиклиментовата Црква на Плаошник, видете го Античкиот театар, разгледајте ја музеј-куќата на фамилијата Робевци, видете ги фреските во црквата Света Софија, восхитувајте се на погледот од Самоиловата тврдина, купете Охридски бисери, посетете го манастирот “Св.Наум” и изворите на Црн Дрим, дојдете во допир со природата во националниот парк Галичица.
Ова се десетте работи кои секој турист мора да ги направи кога ќе го посети Охрид, според експертот за туризам и светски познат продуцент Дејвид Хофман. На својата веб страна davidsbeenhere.com, тој ја објави првата репортажа посветена на Охрид, едноставно насловена како “Десет работи кои треба да се направат во Охрид, Македонија”. Хофман при својата прва посета во Охрид најави дека неговата мисија е да собира материјал за изработка на видеа и репортажи кои ќе бидат наменети за промоција на нашата земја како туристичка дестинација. Дејвид на својата веб страна досега има објавено два видео материјали од Македонија, едниот за тоа што да се прави кога ќе се посети Битола, а едниот посветен на македонскиот јазик, а таму местото си го најдоа и серија убави инстаграм фотографии од неговата посета на Македонија.
Тој при својата прва посета на нашата земја истакна дека Македонија е 64та земја која тој ја има посетено во неговиот живот. Инаку предвидено е неговата продуцентска куќа да изработи шест промотивни видеа за Македонија, покрај видеото за Битола и видеото за македонскиот јазик, уште и видеа за винските региони во земјата, работи што мора да се посетат во Скопје, Стоби и Охридското Езеро. Овие видеа ќе бидат објавени на повеќе специјализирани туристички интернет страници, а истите притоа остануваат во сопственост на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и во иднина би се користеле во промотивни цели. Инаку продуцентот Хофман е и основач на Davidsbeenhere.com, дигитална медиумска компанија и соработува со многу меѓународни организации за туризам. Минатата година тој е прогласен за еден од десетте најдобри видео продуценти за туристички дестинации од страна на реномираниот весник „USA today“. Го пропатувал целиот свет но за него Балканот има посебна магија која е својствена и за Македонија.