Skip to main content

За 10 до 20% поскапување на Новогодишните аранжмани на брегот на Охридското Езеро

Цените на Новогодишните аранжмани во хотелите на брегот на Охридското Езеро годинава се поскапени за 10 до 20%. Три денови со вклучен дочек на Новата година се движат од 200 до 300 евра по лице зависно од понудата и категоријата на објектите. Според хотелската асоцијација Охрид и Струга и натаму остануваат најевтини дестинации во регионот.
 |  инфодеск  | 

Новогодишните аранжмани на брегот на Охридското Езеро годинава бележат поскапување од 10 до 20%. Цените за три денови во хотел со вклучена  специјална свечена прослава на Новогодишната ноќ   се движат од 200 до 300 евра по лице  зависно од понудата и  категоријата на објектите.

Поскапувањето на цените е под притисок на инфлацијата, како и подобрување на понудата,  но  според хотелската асоцијација Охрид и натаму е најевтина дестинација во регионот.

„ Ние сме пак една поевтина дестинација. Штом имаме исполнето и од странски гости 80% некаде и повеќе во некој просек се странски гости тоа значи дека имаме добри понуди во споредба со околните држави. Цените се поскапени,но секаде се поскапени”, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

nova_godina_elka_plostad

Во главниот туристички центар традиционално ќе има  организиран дочек на Новата година на градскиот плоштад.  И туристичките работници ја збогатуваат понудата, се нуди   Новогодишен афтер парти бранч на плажа, вино и чоколадо на зајдисонце,  празнично крстарење со брод и други анимации.

„Добро е кога има добри понуди, и добро е што за тие денови може да се каже некаде од 20 ти декември па се до 10 јануари со нашиот Божиќ ќе биде жив градот и целото крајбрежие на Охридското езеро”, додава Блажески.

Охрид е исклучително популарна дестинација за Новогодишните празници особено за младите од соседството. Српските агенции на големо го продаваат градот , со автобуски превоз од Ниш или Белград и  индивидуален дочек на Новата година цените се движат  околу 140 евра.

Новинар Соња Рилковска