Skip to main content

10 години шаховски клуб „Ласкер“ Охрид

Шаховскиот клуб „Ласкер“ Охрид одбележува јубилеј-10 години од своето постоење. Низ шаховската школа на овој клуб поминале над 200 деца кои покрај тоа што со учење на техниките на оваа игра го граделе својот карактер учествувале на бројни турнири на кои редовно се помеѓу најдобрите.

 |   | 

Шаховскиот клуб „Ласкер“ Охрид годинава заокружува 10 години постоење. Јубилејот ќе го одбележи вечерва во дворот на ОУ „Братство Единство“ со играње шах на отворено.

Клубот започна да функционира во 2011 година како секција во склоп на Здружение на математичари. Таа прва шаховска школа ја формира Борис Лушески како претседател на Здружение на математичари заедно со шахистот Методи Ангелковски. Именуван е по Емануел Ласкер, германски математичар со најдолг стаж како светски првак во шах.

Растејќи од 2016-та година на предлог на генералниот секретар на шаховска федерација да се формира клуб бидејќи на тој начин ќе можеме да користиме средства како ваучерите кои тогаш беа во зачеток како идеа. Во 2017 се регистриравме како клуб. Денес учествуваме на доста турнири и секоја година освојуваме награди. Ние сме една од школите кои редовно освојуваат награди, со 4-5 награди по категорија и редовно сме во првите три места на државните првенства во организација на шаховската федерација – вели Борис Лушески, претседател на ШК „Ласкер“ – Охрид.

Патот од ентузијазам на неколку луѓе до шаховски клуб со 12 екипи во втора лига со 10 играчи од кои 6 играат на првите табли на национално првенство не е лесен. Од Клубот велат дека се задоволни од поддршката која ја добиваат од локалната самоуправа посебно последните две години. Од 2019-та година спортските клубови заживеаја со ваучерите од Агенцијата за млади и спорт, но Лушески вели дека тешко се наоѓа фирма во Охрид преку која ќе ги реализираат средствата од ваучерот.

И покрај предизвиците со кои се соочува клубот изминатите години низ школата поминале над 200 дечиња кои научиле да играат шах со сите придобивки кои ги дава тоа знаење во градењето на личноста.

Горди сме едноставно што успеавме да создаваме дечиња коишто добро размислуваат, кои можеби нема да станат врвни шахисти меѓутоа сигурно ќе научат да бидат трпелливи во денешно време, ќе научат да донесуваат брзи и мудри одлуки во краток период со оглед на тоа колку е динамичен животот тоа е доста неопходно, а во секој случај го развиваат логичкото размислување кое ќе им се најде понатаму и за математика и за информатика – вели Лушески. 

Во ШК „Ласкер“ се игра шах два пати неделно, членовите се поделени во две категории, почетници и понапредна група во која се членовите од првата екипа.

Во тек се уписи на нови членови за Школата за шах во рамки на клубот кој има простории во ООУ „Братство Единство“ Охрид на ул. 7-ми Ноември. Сите љубители на шахот можат во термин 19:20 – 20:40 во дополнителната просторија на ШК „Ласкер“, непречено да одиграат партии шах, единствен услов е да се почитуваат препораките за заштита од ковид 19, а задолжително е носење заштитна маска.