Skip to main content

12 жени во фокусот – Општина Охрид под мотото „Создадена да создава“ го одбележа 8-ми Март

Под мотото „Создадена да создава“, Општина Охрид организираше празнична програма во чест на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март.
 |  инфодеск  | 

Под мотото „Создадена да создава“, Општина Охрид организираше празнична програма во чест на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март.

Во рамки програмата во „Арт Тераса“ се одржа изложбата на фотографии „Жени во фокусот“, каде што пригодно обраќање имаше Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

-Денес, е многу важно да ја споменеме заштитата на жената и нејзиното достоинство. Нашата заедничка обврска е да градиме средина во која секоја жена ќе се чувствува безбедна, почитувана и ценета. Средина, во која жените ќе имаат простор да ја изградат својата среќа.

Особено ми е чест што вечерва имаме можност да ја погледнеме иложбата „Жени во фокусот“, дело на младата фотографка Нина Ангелоска. Преку нејзиниот објектив се претставени 12 охриѓанки кои со својата работа, знаење и талент оставаат длабока трага во нашата заедница. Овие фотографии се повеќе од уметнички портрети, тие се приказни за посветеност, храброст и инспирација.

Охрид отсекогаш имал силни и успешни жени. Во минатото, но и денес, нашиот град бил и е дом на жени кои се вистински пример за достигнување и чест. Верувам дека така ќе биде и во иднина, затоа што нашата средина отсекогаш знаела да препознае, поддржи и изгради жени кои создаваат историја, кажа во обраќањето Божиновски.

Како дел од празничната програма беше одржан и концерт на естрадните уметници Ѓорѓи Ѓорчев и Кате Танева.

Исто така, во чест на празникот на жената беше организирана и изложбата на фотографии „Жени зад објективот“ од Фото куб Охрид и изложба на дела од жени сликарки во органзиација на Женски центар „Бисера“.