Напаѓачот на девојката имал 1,29 промили алкохол во крвта, Обвинителството најавува одлука за правната квалификација на делото

Тешка телесна повреда е кривичното дело за кое СВР Охрид го товари 31-годишниот охриѓанец, кој вчера вчера во 02 ч ја истепал својата 26-годишна девојка. Според полицијата, расправијата започнала во неговиот дом, а продолжила во автомобилот. Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што девојката изгубила свест и паднала.
Осомничениот бил лишен од слобода, , а при алкотестирањето биле утврдени 1,29 промили алкохол во крвта. Возилото му е одземено, а. по барање на Обвинителството, судот му определи мерки на претпазливост.
„Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава.” – изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Повредената била пренесена во Специјалната болница Свети Еразмо и е надвор од животна опасност.
„Се работи за модринки и полесни контузии. Направени се потребните медицински испитувања, заклучно со компјутеризирана томографија. Пациентката беше задржана за понатамошна опсервација во текот на целиот ден. Денеска е за испис. Се наоѓа во добра општа здравствена состојба.” -изјави Хари Шокароски, директор на „Св. Еразмо”.
Од Јавното обвинителство информираат дека интензивно се работи на расветлување на случајот.
„Нејзиниот исказ е многу суштествен и од него можат да произлезат докази со голема доказна вредност. Во текот на денот ќе има официјално соопштение за правната квалификација и за соодветната јавнообвинителска одлука.”- изјави републичкиот јавен обвинител Ненад Савески.
Во меѓувреме мајката на осомничениот пријавила дека таткото на девојката упатувал закани кон семејството, по што четириесет и деветгодишникот бил лишен од слобода, а против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста.
Новинар Соња Рилковска







