Skip to main content

Изгласани 32 точки

13-та Седница на Советот на општина Охрид

Охридскиот градски Совет денеска ја одржа 13-тата седница. За помалку од еден час беа изгласани 32 точки од дневниот ред, скоро без дискусија. Советниците меѓудругото дадоа зелено светло за субвенционирање на сметките за струја на ЈП „Водовод“ и новини во поддршката на ученици и студенти од претстојната учебна година.
 |  инфодеск  | 
Седница на совет

Општина Охрид ќе ги субвенционира сметките за потрошена електрична енергија на ЈП „Водовод“ Охрид. 

Со оглед на економските последици од зголемувањето на цената на електричната енергија и цените на нафтените деривати со што драстично се зголемија режиските трошоци како и законот за минимална плата, ова јавно претпријатие е во тешка состојба, поради што се донесува ваква одлука, кажа координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.

ЈП „Водовод“ е должно да достави барање и образложение за потребните средства и намена, а понатаму општината согласно одлуката ќе пристапи кон исплата на овие средства согласно можностите и своите согледувања. Опфатот на поддршката по овој однос пред се зависи од одобрените средства во буџетот за оваа намена во тековната година, средства планирани за субвенции на јавни комунални претпријатија – истакна Божиновски.

Седница на совет

Советниците донесоа одлука за усвојување на програмски документ – препораки за видовите, критериумите, висината и начинот на спроведување постапки за финансиска поддршка од средствата предвидени во буџетот и во годишните програми на Секторот за образование, детска, здравствена и социјална заштита за учебната 2022/2023 година наменети за ученици, студенти и наставници.

Целта на носење на ваков документ е обезбедување на поголема транспарентност на мерките и трошењето на буџетски средства во оваа сфера. 

Во новата учебна година ќе продолжи стипендирање на основци, средношколци и студенти по повеќе основи како постигнување значајни резултати, ученици и студенти од семејства во социјален ризик, студенти кои избрале факултети или струки што се дефицитарни на територија на Охрид и ќе продолжи и стипендирањето на студенти со ретки болести. Програмата предвидува и нови мерки.

Ана Крстеска – советничка ВМРО ДПМНЕ

Нов проект е Нашите првачиња со кој во новата учебна година општина Охрид ќе доделува по 3.000 денари за секое запишано прваче во основните училишта на територија на општината. Новина ќе биде образовниот додаток, еднократна парична помош од 6.000 денари за студенти кои студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик, многудетни семејства, еднородителски семејства и имаат примања проближни до минималната плата. Особено значајна новина е учениците што ќе освојат прво, второ и трето на државни и меѓународни натпревари ќе имаат парични награди, а од новата учебна година парична ќе биде и наградата за првенец на генерација – вели Ана Крстеска, советничка во Општина Охрид од Вмро Дпмне.

Советниците на денешната седница изгласаа измени и дополнувања на одлуката за општински линиски превоз на патници во општина Охрид и одлуката зам субвенционирање на линискиот превоз на патници кој заеднички го организираат општина Охрид и општина Дебрца.

Беше прифатена донација на спортска веслачка опрема и веслачки реквизити за веслачкиот клуб „Горица Ремо“ – Охрид. ЈП „Билјанини извори“ доби право на користење на возило–пајак.  Советниците со мнозинство гласови изгласаа и 20-тина одлуки за легализација на бесправно изградени објекти.