Skip to main content

Хидробиолошки институт

130 годишнина од раѓањето на Синиша Станковиќ

Хидробиолошкиот Институт ја одбележа 130 годишнината од раѓањето на Академик Синиша Станковиќ. Лимнологот, вљубеник во Охридското езеро е иницијатор за формирање на Институтот. Денес, Хидробиолошки е реномирана научна установа која го проучува живиот свет во Охридското Езеро.
 |  Валентина Неловска  | 
Одбележување годишнина на академик Станковиќ

Охридските научници од Хидробиолошкиот Институт ја одбележаа 130 годишнината од раѓањето на Академик Синиша Станковиќ. Проф. д-р Трајче Талески, вработен во оваа научна установа, сподели детали од животниот пат на научникот и иницијаторот за основање и изградба на  хидробилошката станица во Охрид.

Синиша Станковиќ е роден во Заечар, Србија, а неговото семејство води потекло од тетовското село Пожаране. Животниот пат и образованието го водат од малото место Заечар во Неготин, па на Биолошкиот факултет на Белградскиот универзитет, а оттаму во Франција каде што докторира. Во 1922 година ја почнува Универзитетската кариера и е избран за член на Српската Академија на науки, кажува д-р Талески.

На 40 години станува академик. Бил професор на Биолошкиот факултет на Универзитетот во Белград. Предавал на Ветеринарниот факултет, на Филозофскиот и на Земјоделскиот факултет. Дошол во Охрид во 1922 год и се вљубил во Охридското Езеро. Ја сфатил суштината на флората и фауната кои живеат во него. Се родила идеја да се формира Институт кој детално ќе го проучува Охридското Езеро – истакна Талески.

Одбележување годишнина на академик Станковиќ

Зградата почнала да се гради на инцијатива на академикот во 1921/22 година, а Институтот е формиран во 1935 година. Со тоа научникот Станковиќ ги поставил темелите на денешниот Завод кој низ годините се развива и прераснува во Институт од стратешко значење за државата, подвлекува проф. д-р Орхидеја Тасеска, директорката на Хидробиолошкиот образовно-научен институт.

Благодарение на неговата заложба Институтот го понесува епитетот на прва научна институција на Балканот. Основа на тогашната хидробиолошка станица е пресвртница во изучувањето на живиот свет во Охридксот Езеро. Се создаваат услови за тоа да е проучувано, системски и детално да бидат проучувани сите односи во живиот свет во него – вели Тасеска.

Одбележување годишнина на академик Станковиќ

Во 1994 година Институтот влегува во регистерот на научно-истражувачки институции во Македонија. Организиран во 10 одделенија со научен кадар од кои 12 се доктори на науки, а двајца магистри.