Skip to main content

132 години од смртта на Григор Прличев

Деновиве во Охрид, со низа активности се одбележуваат 132 години од смртта на големиот поет и преродбеник Прличев.
 |  инфодеск  | 

На 6 февруари во 1893 година во Охрид почина Григор Прличев, еден од најпознатите македонски писатели од 19 век. Меѓу најпознатите негови остварувања се поемите “Сердарот” и “Скендербег”, и познатото дело “Автобиографија”. Со поемата “Сердарот”, за која на поетскиот конкурс во Атина доби Ловоров венец, ја издигна македонската литература меѓу најпознатите книжевни остварувања на Балканот во своето време. Роден е во Охрид, на 30 јануари 1830 година. Деновиве во Охрид, со низа активности се одбележува 132 години од смртта на големиот поет и преродбеник Прличев.

Утрово пред гробот на Прличев се одржа панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев во близина на црквата Св. Богородица –Перивлепта, а делегации положија цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во истоименото основно училиште.

Во 12:30 часот предвидено е полагање ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен–бистата на Прличев пред градската библиотека, при што е предвидено и обраќање на Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писатели на Македонија.

Во охридската библиотека во 13 часот ќе се одржи традиционалната „Прличева визита“, а ќе биде прогласена и најдобрата беседа за 2025 година, што оваа година и припадна на Ева Ивановска.

Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва во 19 часот со свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ во Центарот за култура.