Skip to main content

133 години од смртта на Григор Прличев

Охрид се поклонува пред делото на Григор Прличев – 133 години од смртта на големиот поет
 |  инфодеск  | 

На 6 февруари во 1893 година во Охрид почина Григор Прличев, еден од најпознатите македонски писатели од 19 век. Меѓу најпознатите негови остварувања се поемите “Сердарот” и “Скендербег”, и познатото дело “Автобиографија”. Со поемата “Сердарот”, за која на поетскиот конкурс во Атина доби Ловоров венец, ја издигна македонската литература меѓу најпознатите книжевни остварувања на Балканот во своето време. Роден е во Охрид, на 30 јануари 1830 година. Деновиве во Охрид, со низа активности се одбележува 133 години од смртта на големиот поет и преродбеник Прличев.

Во рамки на традиционалните „Прличеви беседи“, денес во 9 часот беше положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на ООУ „Григор Прличев“, а во 10 часот, се одржа панихида и беше положено цвеќе на гробот на Прличев, кој се наоѓа во близина на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.

Настаните продолжуваат во 11:00 часот со програмата „Стихови и звуци за Прличев“. Во рамки на овој дел ќе бидат изведени песните „1762 лето“ од Стефани Дудик (сопран) и Изабела Димовска (мецосопран), ќе се одржат обраќања на претставници од Општина Охрид, а ќе бидат врачени и награди за прворангираните литературни творби од конкурсот на ООУ „Григор Прличев“. Воедно, ќе бидат доделени и два примероци од книгата „Јазик илјоб“ од Славе Ѓорѓо Димоски, отпечатени во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и на Здружението на слепи лица од Охрид. Ќе следи и читање на наградените литературни творби.