Skip to main content

Бугарско министерство за внатрешни работи

169 бугари во земјава се пријавиле за гласање на бугарските избори, во Охрид ниту еден

На предвремените парламентарни избори во Бугарија што ќе се одржат на 2 април, за гласање се пријавиле само 169 лица од Северна Македонија. Бројката ја објави бугарското Министерство за надворешни работи, при што најмногу пријавени имало во Кавадарци 42, Прилеп 41 и Тетово 40.
 |  инфодеск  | 
Избори Бугарија

Само 169 бугарски државјани кои живеат во Македонија се пријавиле да гласаат на парламентарните избори во Бугарија што ќе се одржат на 2-ри април годинава. Станува збор за лица кои ќе гласаат на избирачките места што на денот на изборите во Бугарија ќе бидат отворени во Северна Македонија, како и во други држави во Европа и во светот.

Списоците на пријавени за гласање се објавени на веб-страницата на бугарското Министерство за надворешни работи од седум избирачки места во исто толку градови во земјава, ќе се гласа во шест: Скопје, Битола, Кавадарци, Прилеп, Струмица и Тетово. Избирачко место е предвидено и во Охрид, каде што беше отворен и бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, но за таму не се пријавил никој.

Списокот не е предмет на објавување бидејќи нема лица кои изразиле желба да гласаат – пишува за избирачкото место во Охрид.

Во шесте останати градови пак, најмногу гласачи ќе има во Кавадарци и Прилеп, а најмалку во Битола, градот во кој се отвори бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“.

Конкретно по градови, бројот на пријавени гласачи е:

  • Скопје – 15 гласачи;
  • Кавадарци – 42 гласачи;
  • Битола – 9 гласачи;
  • Прилеп – 41 гласач;
  • Струмица – 22 гласачи;
  • Тетово – 40 гласачи.

Ова е најмала бројка на гласачи од Северна Македонија во споредба со претходните два изборни циклуси во Бугарија. На изборите во јули 2021 година гласаа 413 лица, а во април 2021 гласаа 510. И во двата наврати, најмногу гласови освои партијата ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов.

Бројот на лица кои на пописот во 2021 година во Северна Македонија се декларираа како бугари, пак, беше 3504.