191 мозочен удар во Охрид за една година, лекарите повикуваат на превенција

Мозочниот удар е водечка причина за долготраен инвалидитет и втора причина за смртност во Македонија. И покрај можностите за превенција и современ третман, земјава и натаму бележи загрижувачки висока стапка на нови случаи и смртност. Во Охрид, минатата година се регистрирани 191 мозочен удар, а во Југозападниот регион вкупно 408. Загрижува и фактот што меѓу пациентите има сè помлади лица.

„Во Охрид, во текот на 2025 година, се регистрирани вкупно 191 мозочен удар, од кои 86 кај жени и 105 кај мажи. Во нашиот регион, во Југозападна Македонија, вкупно се случиле 408 нови мозочни удари. Морам да напоменам дека најмладиот пациент имал мозочно крварење и бил на возраст меѓу 20 и 25 години, а најмладата пациентка со исхемичен мозочен удар била на возраст меѓу 25 и 35 години.” – вели д-р Маја Божиновска, специјалист по неврологоја.
Девет од десет мозочни удари се поврзани со ризик-фактори врз кои може да се влијае. Високиот крвен притисок, дијабетесот, покачените маснотии во крвта, прекумерната телесна тежина, пушењето, алкохолот и физичката неактивност се дел од причините што го зголемуваат ризикот. Затоа лекарите апелираат на редовни здравствени контроли и здрави животни навики. Но, кога ударот веќе ќе се случи, пресудни се брзото препознавање и навременото реагирање.

„Најважни симптоми се акутна слабост или одземеност на едната половина од телото, потешкотии со говорот, проблеми со видот, вртоглавица, нестабилност при движење и искривување на лицето. Навременото препознавање е од голема важност за веднаш да се повика Итна медицинска помош и пациентот да биде транспортиран во најблиската здравствена установа каде што ќе добие соодветен третман. Времето е мозок, бидејќи за одредени специфични третмани мора да се запази терапевтскиот прозорец од три до четири и пол часа.”- вели Д-р Ирена Скендервоска Митреска, невролог, „Св. Еразмо” – Охрид.
Еден од најефикасните третмани кај пациентите со исхемичен мозочен удар е тромболизата, терапија со која се разбива тромбот што го блокира протокот на крв во мозокот. Во Охрид подолг период се работи на воспоставување соодветен центар за ваков третман во Општата болница. Обезбедена е дел од потребната опрема, но за целосно функционирање остануваат кадровски, технички и организациски предизвици.

„Подолго време работиме на формирање соодветен центар за третман на мозочен удар. Како најсоодветна беше избрана Општата болница во Охрид, каде што веќе постои практика пациентите да се насочуваат преку тимовите на Итната медицинска помош. Невролошкиот тим вложи голем напор, обезбедени се монитор и потребна апаратура за спроведување тромболиза. Но, таа е временски ограничена и може да се примени најдоцна во рок од четири и пол часа од појавата на симптомите.” – вели д-р Маја Божиновска, специјалист по неврологоја.
За пациентите кои преживеале мозочен удар, особено важна е рехабилитацијата, која треба да им помогне повторно да ја стекнат подвижноста, говорот и самостојноста во секојдневниот живот.
„Нашата установа долги години функционира како центар за неврорехабилитација, во кој се третирале пациенти од целата земја. Располагаме со добро обучен персонал и соодветна медицинска опрема. Неврорехабилитацијата е клучен фактор за намалување на тешките последици по мозочниот удар.”-Д-р Ирена Скендервоска Митреска, невролог, „Св. Еразмо” – Охрид.

Од установата велат дека остануваат отворени за соработка со другите здравствени институции и активности за унапредување на јавното здравје.
„Како институција со која раководам, секогаш сме подготвени да дадеме поддршка на активности за промоција на јавното здравје и подигнување на свеста за големите општествени проблеми. Мозочниот удар предизвикува сериозен морбидитет и морталитет, а статистичките податоци покажуваат колку е сериозен овој проблем во нашата држава и колку е потребно да му се посвети внимание.” – Д-р Харалампие Шокаровски, директор на „Св. Еразмо” – Охрид.
Превенцијата, раното препознавање и навременото лекување остануваат клучни во борбата со мозочниот удар. Токму затоа денес во специјалната болница Св Еразмо имаше бесплатни прегледи и проценка на ризик-факторите за мозочен удар.





