20-годишник приведен по сообраќајна несреќа кај Коњско, тешко повредена малолетна сопатничка

Дваесетгодишен жител на кривопаланечко е приведен откако со четирицикл излетал од патот на локалниот патен правец меѓу охридските села Горно и Долно Коњско, при што тешко била повредена 16-годишна сопатничка.
Несреќата се случила на 24 јуни околу 19:30 часот. Според информациите од СВР Охрид, возачот изгубил контрола над четирициклот и излетал од коловозот.
Во несреќата тешки телесни повреди здобила 16-годишна девојка од село Марино, општина Илинден, а повредите биле констатирани во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид.
При увидот, извршен по налог на јавен обвинител, било утврдено дека возачот управувал со четирициклот без возачка дозвола, по што бил лишен од слобода.
По целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.




