Во 2023 година, во Охрид вкупно се родени 430 деца, од кои живородени се 427, објави Државниот завод за статистика. Според пол, кај живородените деца 214 се машки, а 213 женски. Вонбрачно живородени деца се 31.
Во Струга минатата година вкупно се родени 485 деца, од кои живородени се 483. Според пол, кај живородените 254 се машки, а 229 женски. Вонбрачно живородени се 39 деца.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година, во Република Северна Македонија вкупно се родени 16859 деца, од кои живородени се 16737, а мртвородени 122. Бројот на живородените деца во 2023, во споредба со минатата година, е намален за 7.4 %. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество, и тоа 50.9.%, односно на 100 живородени женски деца 103.6 се машки.
Според месецот на раѓање, најголем број живородени деца имало во месец август, односно 1558.
Според возраста на мајката, најголемо учество од 33.0 % имаат живородените деца од мајки на возраст од 25 до 29 години.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 29.6 години, а кај прворотките 28.1 година.
Генерациска година на раѓање на мајката што се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1994 година. Во 2023 година се регистрирани 14 живородени деца од мајки на возраст помала од 15 години. Вонбрачни живородени деца се 2056 или 12.3 % од вкупниот број на живородените деца.