Skip to main content

24 април и 8 мај 2024 година се неработни денови за сите граѓани

Владата препорачува на работодавачите од приватниот сектор на територијата на државата, да ја спроведат одлуката за секој граѓанин да може непречено да го оствари своето право на глас.
 |  инфодеск  | 

Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за прогласување на 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) за неработни денови, поради распишување на избори за претседател и избори за пратеници во Собранието.

Владата, согласно информацијата, донесе заклучоци со коишто ги определи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда), за неработни денови, за сите граѓани на територијата на Република Македонија. Владата препорачува на работодавачите од приватниот сектор на територијата на државата, да ги спроведат овие заклучоци.

Во Информацијата од Министерството за труд и социјална работа е посочено дека имајќи го предвид Решението за распишување на избор за претседател („Службен Весник на РСМ“ бр.37/24), како Решението за распишување на избори за пратеници во Собранието („Службен Весник на РСМ“ бр.37/24), потребно е секој граѓанин да може непречено да го оствари своето право на глас, во избирачката единица во којашто е регистриран.