На 27 јули во Охрид бесплатни тестирања за хепатитис и ХИВ на Градскиот плоштад

По повод Светскиот ден за борба против хепатитис – 28 Јули, Здружението „ХЕПАР Центар Битола“, во партнерство со Здружението „Ретко е да си редок“ – Охрид, со поддршка од Здружението на лекари од Охрид, ЈЗУ Општа болница Охрид, универзитетските клиники и други здравствени партнери, организира голема јавна превентивна здравствена акција.
Настанот ќе се одржи на 27 јули 2026 година (понеделник), од 17:00 до 20:00 часот, на Градскиот плоштад во Охрид, каде што граѓаните и посетителите ќе имаат можност бесплатно и анонимно да направат прегледи и тестирања насочени кон рано откривање на вирусниот хепатитис.
Во рамки на акцијата ќе биде овозможен бесплатен преглед со FibroScan (еластографија), современа, брза и неинвазивна метода за проценка на состојбата и евентуалните оштетувања на црниот дроб. Посетителите ќе можат да направат и бесплатно брзо тестирање за хепатитис Б, хепатитис Ц и ХИВ, при што резултатите ќе бидат достапни за само неколку минути. На располагање ќе бидат и медицински стручњаци кои ќе даваат совети и консултации, како и едукативни материјали за превенција, вакцинација и значењето на навремената дијагностика.
Според Светската здравствена организација, вирусниот хепатитис и понатаму претставува сериозен глобален здравствен проблем и е причина за повеќе од 1,3 милиони смртни случаи годишно. Хроничните инфекции со хепатитис Б и Ц се меѓу водечките причинители за цироза и рак на црниот дроб, а најголемиот предизвик е што повеќето заразени лица долго време немаат никакви симптоми и не се свесни за својата состојба.
Проценките покажуваат дека повеќе од 280 милиони луѓе во светот живеат со хроничен вирусен хепатитис, при што над 80 проценти од нив не знаат дека се инфицирани. Истовремено, современата медицина овозможува успешно лекување на хепатитис Ц со стапка на излекување поголема од 95 проценти, додека против хепатитис Б постои безбедна и ефикасна вакцина која значително го намалува ризикот од заболување.
„Вирусниот хепатитис не чека. Без навремена дијагностика, оштетувањето на црниот дроб се одвива тивко. Нашата цел е преку овие бесплатни прегледи да им овозможиме на граѓаните на ефикасен начин да го проверат своето здравје, бидејќи раното откривање буквално спасува животи“, порачуваат организаторите.







