Skip to main content

29 ноември – спомен на Денот на Републиката

Во просториите на Црвен крст Охрид со почеток во 11 часот традиционално ќе се одржи историски час на тема „Улогата и значењето на АВНОЈ во создавањето на македонската држава”.
 |  инфодеск  | 

Денес се одбележува 29 -ти ноември, историски датум значаен за македонската државотворност. На овој ден пред 81 година во Јајце на заседанието на Авној се удрени темелите на македонската држава, нација и јазик  во рамките на поранешната југословенска држава. Пионерската заклетва беше едно од обележјата на најважниот државен празник во поранешна Југославија, а празникот на братството и единството неработно го прославуваа над 22 милиони граѓани. Денес граѓаните се сеќаваат на датумот 29-ти Ноември  само како на стариот Југословенски празник.

Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, по повод 81 година од Второто Заседание на АВНОЈ од 29 Ноември 1943 година, секоја година организира историски час на тема ” Улогата и значењето на АВНОЈ во создавањето на македонската држава “.

За значењето на овој ден Проф. по историја Наце Иваноски напиша:

„После големите победи на меѓународните фронтови во 1943 година и настанувањето на пресвртницата на страна на антифашистичката коалиција, како и големите успеси на Народноослободителната војска на Југославија, се создадоа услови за посветување на поголемо внимание врз изградувањето на новата народна власт, која започна уште 1941 година со формирањето на првиот Народноослободителен одбор во градот Беране. За таа цел се создаде АВНОЈ, како највисок орган на новата власт, кој го одржа своето Прво заседание во Бихач. Во 1943 одина , новонастанатата состојба го наложи одржувањето на Второто заседание на АВНОЈ. Со донесените одлуки на ова заседание се поставија темелите на идната југословенса држава. Ова заседание има посебно значење за Македонија, бидејќи со одлуката за внатрешното уредување на идната заедничка држава, таа за прв пат е призната за рамноправна со другите федерални единици ( Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина ), а македонскиот народ за рамноправен со другите народи во заедничката федерација. Нешто покасно Президиумот на АВНОЈ донесе одлука сите акти, списии други документие печатата и на македонски јазик. Одлуките на АВНОЈ покасно беа разгледувани и анализирани од Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, како највисок орган на власт во Македонија. Истите беа оценети како добра основа за свикување на Првото заседание на АСНОМ, на кое со донесените решенија почнува изградбата на новата македонска држава, како рамноправна со другите федерални држави, во заедничката Федерација. Меѓу другите е и решението со кое македонскиот јазик се воведува за официјален службен јазик во новата држава. Беше донесена Декларација за оновните права на граѓаните на Македонија.“

По овој повод, во просториите на Црвен крст Охрид со почеток во 11 часот традиционално ќе се одржи историски час на тема „Улогата и значењето на АВНОЈ во создавањето на македонската држава”, информираат од Сојузот На Борци Охрид-Дебрца.