Во Охрид нема да има настава со физичко присуство над 3то одделение
Извесно е дека наставата на 1ви октомври ќе започне он лајн за сите ученици над 3то одделение. Владата го објави списокот на училишта каде што со согласност на Комисијата ќе може да се реализира настава со физичко присуство, но меѓу нив нема ниту едно училиште во Општина Охрид. Градските советници денеска усвоија информација за подготовките и начините на за одржување на наставата во основните и средните училишта во Општина Охрид во учебната 2020/2021 година.
Наставата од 1ви октомври во Охрид за учениците од 4то одделение до 9то и за средношколците ќе започне он лајн. Општина Охрид не доби согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците во основните и средни училишта, чиј основач е Советот на Општина Охрид, според информацијата од Владата за донесените одлуки на последната седница. Владата објави листа на училишта на кои им е дозволено да држат настава со физичко присуство на која има169 училишта од кои само 4 се средни училишта и ниту едно не е во Охрид.
Иако во информацијата од Владата стои дека разгледани се комплетните барања доставени од страна на општините ,од Секторот за образование при Општина Охрид велат дека сеуште очекуваат повратна информација од Комисијата односно од Владата по однос на барањата на средните училишта за организирање настава со физичко присуство.
„Има простор , одредени училишта од градов, средни училишта , побарале настава со физичко присуство. Се чека одговор од МОН. Од Секторот за образование ме известија дека тој одговор треба да стигне до утре , значи до крајот на оваа недела дали ќе им се дозволи на тие училишта настава со физичко присуство.“ – вели портпаролот на локалната, Томе Џамтоски.
Денеска охридските советници на 48та седница на совет беа информирани за подготовките на локалната самоуправа за стартот на учебната година и модалитети под кои таа ќе се спроведува. Градските избраници едногласно ја усвоија информацијата за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година.
„ Заклучокот беше едногласно усвоен иако имаше неколку дискусии кои укажуваат дека ќе има одредени проблеми воп одржувањето на наставно образовниот процес. Ние како локална самоуправа сме подготвени да ја започнеме учебната година во основните и средните училишта во Охрид. Во тек се некои постапки за набавка на технички помагала пред се компјутери. Тоа се кратки постапки и до 1ви октомври ќе бидат завршени. “ – вели Џамтоски.
Во меѓувреме привршуваат интензивните обуки аа наставниците кои треба да го совладаат начинот на предавање на Националната платформа за онлајн настава.