300 деца учествуваат на Меѓународниот кошаркарски турнир Охрид 2025 во организација на КК „Колибри“

Денеска започнаа натпреварите на Меѓународниот турнир во кошарка – Охрид 2025 во организација на кошаркарскиот клуб Колибри – Охрид. Во спортската сала „Билјанини Извори“ силите ќе ги одмерат девојчиња и момчиња, од четири натпреварувачки генерации во 12 екипи од четири земји.

„ Имаме екипи од четири земји Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора. Имаме преку 270 деца оваа година, генерации до 10 години, до 12, до 14 и до 16 год. Натпревари имаме секој ден, отворена е салата од 9 до 21 часот, ги покануваме сите љубители на кошарката и на на спортот кои сакаат слободна да повелат. “ – велиДрагослав Лихвинцев – тренер КК Колибри.

Турнирот на едно место собира деца од различни средини и култури. Нивните среќни лица и позитивната енергија покажуваат колку спортот е важен од најмала возраст за здраво детство и социјализација.

„Ова ни е втора година како учествуваме на турнирот во Охрид на покана од клубот Колибри и нашата организаторка Весна која секогаш убаво не дочекува. Јас се надевам дека ове ќе прерасне во убава традиција, децата многу убаво се дружат, се поврзуваат екипите, она што политичарите не можат да го спојат, ние го спојуваме преку спортот, екипи од Србија, Албанија , Македонија и впечатоците се се уште свежи и навистина убави од минатата година, се надевам дека годинава ќе биде уште поубаво. “ – вели Вељко Вручиниќ – сопственик на КК „НБА“ – Крагуевац.

„ Вакви турнири се значајни за децава за да видиме и ние до каде сме и тие да видат од други држави, бидејќи ние знаеме нашиот капацитет на играчи кој ни е, ги знаеме македонските играчи , сакаме да видиме и од надвор, тука има екипи од Косово, од Албанија , Србија, Црна Гора. Децата е најважно што се дружат , што се сплотени , се социјализираат , живи здрави да се , без повреди да заврши турнирот.“ – вели Марјан Анастасоки – тренер КК „Гостивар 2010“.

Турнирот се одржува четврта година по ред, а КК Колибри оваа година бележи 22 година постоење. Турнирот расте од година во година и станува препознатлив во земјава и регионот.
Интересот од клубовите е огромен и расте бројот на учесници, вели Весна Балазоска Милошевиќ, додава дека со тоа и организацијата станува поголем предизвик. Таа упатува благодарност за помошта до локалната самоуправа , пријателите и подржувачите.

„Нашите можности и капацитети првенствено спортската сала и сместувачките капацитети околу салата се ограничени затоа и овај број на учесници е толкав. Интересот за овој наш турнир оваа година беше огромен, многу екипи кои сакаа да присуствуваат од нашата земја моравме да ги одбиеме затоа што едноставно и првенствено немавме услови. Како организација многу е захтевно да се организира еден ваков турнир затоа што натпреварите се во четири старосни групи и за секоја генерација треба да се створат посебни услови. Голема благодарност морам да изразам во тој дел до градоначалникот Кирил Пецаков затоа што и оваа година како и предходните ни даде несебична поддршка и финансиска и морална. “ – вели Весна Балазоска Милошевиќ – организатор на турнирот, КК „Колибри“ – Охрид.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков вечерва свечено ќе го прогласи за отворен турнирот, а ќе присуствува и почесниот конзул на Р.Србија во Македонија, Михајло Филев. Турнирот трае до 13-ти јуни кога ќе се одиграат финалните натпревари и ќе бидат доделени пехари и медали на најуспешните клубови.