Skip to main content

Охрид подготвен за 39. Охридски пливачки маратон, ќе се натпреваруваат 16 пливачи од 8 земји

На годинешниот маратон во машка конкуренција ќе настапат тројца македонски пливачи: Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски. Македонија во женска конкуренција ќе ја претставува Росана Гошева.На стартот ќе има пливачи од Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина.
 |  инфодеск  | 

Охрид утре ќе биде домаќин на 39. издание на Охридскиот пливачки маратон – една од најстарите и најмасовните пливачки манифестации во државата. На патеката „Климе Савин“, долга 25 километри, ќе се натпреваруваат 16 пливачи, од кои 11 во машка и пет во женска конкуренција.

Стартот на маратонот е закажан за 11 часот кај Свети Наум, додека целта е на градското пристаниште во Охрид.

На денешната средба со новинарите, градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека маратонот има огромно значење за градот и претставува многу повеќе од спортски натпревар.

„Охридскиот пливачки маратон не е само трка во светскиот календар на пливање на отворени води, туку е вековна традиција, наша гордост и неизбришлив дел од охридскиот идентитет. За Охрид, овој маратон има непроценливо значење. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат и да ги надминуваат сопствените граници“, рече Пецаков.

Тој упати порака до сите учесници, посакувајќи им успешна трка и мирно езеро.

„На сите пливачи кои утре ќе се соочат со маратонскиот предизвик им посакувам мирно езеро, добра енергија и фер трка. Секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг е веќе победник. Да ни е успешен и незаборавен 39. Охридски пливачки маратон“, порача градоначалникот.

На годинешниот маратон во машка конкуренција ќе настапат тројца македонски пливачи: Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски. Македонија во женска конкуренција ќе ја претставува Росана Гошева.

На стартот ќе има пливачи од Србија, Турција, Канада, Италија, Шпанија, Португалија и Аргентина.

Покровител на Охридскиот пливачки маратон е претседателот на државата, додека финансиски е поддржан од Општина Охрид. Наградниот фонд за 39. издание изнесува 15.000 долари.

Пецаков најави дека јубилејното, 40. издание на маратонот, ќе биде организирано на многу повисоко ниво.