Skip to main content

Јубилеј

40 години Охридска кардиолошка болница

Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид го прослави своето 40 годишно постоење, истовреме под мотото „Да го користиме срцето за сите други срца“ го одбележа светскиот ден на срцето.
 |  Маја Савиќ  | 
Кардиолошка болница Охрид

Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ го одбележа својот 40 годишен јубилеј. Четири децении грижа за срцата на граѓаните која започна од група ентузијасти како истурена единица на интерното одделение од охридската болница со помош на еминентни професори од Клиниката за кардиологија во Скопје, а денеска е реномиран регионален центар.

На свеченоста која се одржа синоќа во катедралната црква Св Софија, директорката на Болницата Елена Коваческа Башуроска во својот говор хронолошки се осврна на клучните моменти на раст и развојот на установата и се заблагодари на луѓето кои допринеле во нејзиното издигнување. Во 2006та година беше изведена првата дијагностичка коронарографија и првата инплантација на стент а наредната година третман на акутен миокарден инфаркт со перкутана интервенција со што се втемелува интервентната кардиологија од страна на тимот предводен од д-р Никола Бакрачески. Од 2019та започнува интензивен развој на електростимулација со инплантација на пејсмејкер. Болницата е едукативен центар за Западен балкан за радиофрекфентна аблација на вени. Паралелно со развојот на интервентната кардиологија се развиваше и одделот за интензивно лекување на најкомлицирани кардиоваскуларни заболувања кој по современост и процедури е еден од најдобрите во државава.

Тимската работа е клучот на успехот на оваа болница, заедничкиот интерес е здравјето на пациентите, а стручноста и професионалнсота се наш приоритет тука сакам да се заблагодарам на сите оние кои изминативе четириест години работеле и работат во интерес на развојот на оваа установа и до оние кои претходно раководеле со оваа интитуција. д-р Томе Дуданов, д-р Тоде Клишески, д-р Наум Зимоски, д-р Илија Прангоски, д-р Никола Бакрачески, дип.економист Димче Секулоски, д-р Изабела Автовска Секуловска, д-р Гордана Донеска.“, кажа Елена Коваческа Башуроска, директорка на болницата.

Установата денеска располага со вкупно 30 доктори од кои 12 супспецијалисти кардиолози, тројца интернисти во моментов на супспецијализација по кардиологија, четворица специјалисти кардиолози и по еден специјалист физијатар и специјалист по медицинска биохемија. Овој врвен и професионален кадар изведува годишно над 2000 дијагностички и интервенти процедури.

Новата етапа на развој на установата започнува со најсовремен ангиограф обезбеден преку Министерството за здравство и подобрени просторни услови благодарение на општествено одговорни компании.

Заложбите на министерството за здравство се фокусирани на зајакнување на опременоста на јавните здравствени установи како шпто е случајот со новиот ангиограф во оваа установа, паралелно продолжуваме со инвестициите кои значат подобра и навремена дијагностика поблиску до местото на живеење на пациентите преку процесот на регионализација, со кој дополнително го растоватруваме терциерното здравство.“, вели Беким Сали, министер за здравство.

Еден од основачите на болницата, д-р Виктор Топалоски, кој за прв пат ја воведе дводимензионална ехо кардиографска дијагностика во државата, вели дека развојот на интервентната кардиологија е една од најважните работи што се случија во Охрид во последните децении со што се спасија огромен број животи.

Кардиолошкиот завод како што расте по своите стручни достигнувања не е само охридски и не е само регионален, туку е и европски центар благодарение на тоа што Бакрачески и неговата екипа направија таква стручна екипа која што се носи со сите европски текови.“, потенцира д-р Виктор Топалоски.

Медицинскиот кадар не застанува, покажа и докажа дека може да се носи со големи предизвици , а јубилејот е мотив за нови дострели во развојот на нови дијагностички и тераписки процедури за што е потребна апаратура и просторни услови. Д-р Бакрачески ексклузивно во изјава за ТВМ го најави она што ќе биде императив на болницата во претстојниот период, третман на акутен мзочен удар со перкутана интервенција .

Се надевам дека со влегувањето во новите простории во комплексот Св Еразмо , со добивање на две сали и со помош на другите дисциплини коишто постојат таму какошто се радиологија, неурологија и неурохирургија бидејќи се работи за мултидисциплинарен пристап за решавање на оваа би рекол комплексна проблематика како што е акутниот мозочен удар ќе имаме можност заедно како тим за мозочен удар да се справиме со оваа болест.“, истакна д-р Никола Бакрачески.

Охридскиот кардиолошки завод , како што го нарекуваат граѓаните, ја промени сликата во македонското здравство со својот огромен импакт во дијагностиката и третманот на кардиоваскуларните заболувања во еден поширок регион кој го надминува југозападниот дел на државата, допринесувајќи во борбата со болестите на кардиоваскуларниот систем кои се водечка причина за смртност на граѓаните.