Skip to main content

49 години постоење на ОЕМУЦ “Св.Наум Охридски”

Од автоматизирани светилки, светилки во боја кои се палат и гасат во ритамот на музиката, презентации на машински елементи, до фризури, шминки и масажи. По повод својот патронат, учениците и професорите од ЕМУЦ, со презентација на своите струки го одбележаа овој прекрасен јубилеј. 

 |  Мишел Наумоски  | 
patronat emuc

49 години успешна работа, надоградување и создавање на стручни и оспособени кадри. Електромашинскиот училишен центар “Св.Наум Охридски” синоќа го одбележа овој прекрасен јубилеј и својот патронен празник. Учениците и професорите на висина на задачата и во духот на образовните можности кои ги нуди центарот, беа презентирани сите образовни профили, па така можеше да се видат светилки во бои кои пулсираат во ритамот на музиката, демонстрација на машински автоматизирани делови, светилки кои се палат автоматски, па се до шминкање, правење фризури и масажи на лице. Директорот на овој образовен центар, Јане Цаноски вели дека во сите овие години, ЕМУЦ произведува квалитетни и добро обучени кадри одлични во својата струка. 

patronat oemuc“Како институција, воспитно-образовна институција 49 години подготвуваме стручно оспособени кадри од електро-техничката, машинската, сообраќајната струка и лични услуги за потребите на стопанството, и секако високо школските институции. И не само тоа, ги подготвуваме младите да се соочат со современите предизвици, со сите оние предизвици кои ги носи денешното време, да бидат подготвени за оние идни нивни ангажмани, во нивните идни вработувања, и во нивните идни образованија.”-вели Јане Цаноски, директор на ОЕМУЦ “Св.Наум Охридски”-Охрид.

Одличен успех на државни и меѓународни натпревари, средби со идни инвеститори каде учениците еден ден би го нашле своето идно вработување како остварено, а унапредување и подигнување на квалитетот на образовните услуги како нешто што дополнително ќе се надградува, според директорот Цаноски е процес кој во иднина ќе се интензивира.

prezentacija profili emuc“Во делот на наставен кадар реализираме доста обуки за професионално усовршување на наставниците, во делот на образовна инфраструктура со поддршка на наши партнери, локални стопанственици, со поддршка на локалната самоуправа на Министерството за образование и наука, се трудиме да внесеме новост, да внесеме свежина во делот на нагледни средства, во делот на современи наставни средства кои ќе бидат во функција на подобра подготовка на тие наши ученици, во тие нивни ангажмани реков вработувања или школувања на тие високошколски институции.”-рече Цаноски.

Во рамките на одбележувањето на патронатот, освен демонстрацијата и презентирањето на стручните образовни профили на центарот, беа подготвени и рецитали, музички точки и драмски изведби од страна на средношколците во кои уживаа родители, професори и гости.