Skip to main content

Над 50 хектари опожарени во Дебрца, пожарот се заканувал на посеви и фотонапонска централа

Последниот пожар е уште едно предупредување за опасностите од неконтролираното палење на стрништа, особено во услови кога сувата вегетација овозможува огнот брзо да се прошири и да зафати земјоделски површини, инфраструктура и околните населени места.
 |  инфодеск  | 

Над 50 хектари полско земјиште со висока сува вегетација изгореа вчера на потегот од селото Белчишта кон Лешани и Злести во општина Дебрца. Пожарот се заканувал да предизвика поголема материјална штета, но благодарение на навремената и координирана интервенција на противпожарните екипи, беа спасени приватни посеви со пченка и фотонапонска централа.

Во гаснењето на пожарот учествувале екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид со три противпожарни возила, како и членовите на „Ентузијаст Дебрца“. Со часови се бореле со огнената стихија, а нивната интервенција продолжила до доцните ноќни часови, со што била спречена уште поголема катастрофа.

За настанот информираше градоначалникот на општина Дебрца, Златко Сиљаноски, кој посочи дека и самиот бил на терен за време на интервенцијата, изразувајќи благодарност до сите што учествувале во справувањето со пожарот.

Сиљаноски упати и остар апел до жителите на Дебрца да престанат со палењето на стрништата, предупредувајќи дека ваквата практика претставува сериозна закана за безбедноста на луѓето, имотот и природата.

„Ова веќе не е само невнимание, ова е директно загрозување на општата безбедност“, предупреди градоначалникот, посочувајќи дека пожарите уништуваат природни богатства, растителен и животински свет, а истовремено ги доведуваат во опасност животите на граѓаните и имотите на нивните сограѓани.

Тој апелираше на максимална совесност и одговорност, нагласувајќи дека нема да има толеранција за постапки со кои се загрозува безбедноста на населението.