540 првачиња од општина Охрид денес за прв пат седнаа во училишните клупи
Започна новата учебна година. 540 првачиња од општина Охрид денес за прв пат седнаа во училишните клупи. Претставници од локалната ги посетија основното училиште „Св.Климент Охридски“ и општинското средно стручно училиште Св. Кирил и Методиј. На учениците им посакаа многу успеси и стекнати знаења кои ќе ги применат во понатамошниот живот.
540 првачиња од општина Охрид денес за прв пат седнаа во училишните клупи. Почетокот на новата учебна година за нив е и ново поглавје во нивниот живот. Завршуваат безгрижните детски денови и почнуваат школските обврски, учење и надоградување за еден ден да станат личности кои ќе придонесат за поголем квалитет на живеењето во градов. По повод стартот на новата учебна година, заменик градоначалникот Ангел Јанев го посети основното училиште „Св.Климент Охридски“, каде на учениците им посака успешен почеток и постигнување на што подобри резултати.
Започнува една нова учебна година. Јас сум многу задоволен што можам да кажам дека оваа учебна година благо е зголемен бројот на првачиња. Годинава во општинава има 17 новородени бебиња во градот Охрид. Тоа можеби не е некоја голема бројка, но дава надеж будејќи после повеќе години кога имавме намалување на наталитетот сега имаме благ пораст, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Директорот на училиштето Јордан Пуроски кажа дека први септември за нив е посебен ден зошто тогаш училиштето ширум ги отвара вратите за првачињата, но и за сите останати кои токму таму го стекнуваат своето образование. Се заблагодари и за соработката со Локалната која постојано му помага на училиштето, а како најнов заеднички проект го истакна реконструираното детско игралиште кое летово беше направено.
Ова училиште со секоја измината година бележи се поголем успех, станува се подобро и позабележително. Тоа го покажува и зголемениот број на ученици кој во последните години постојано расте. Вие имате можност да се уверите во вистинскиот квалитет кој го нудиме и реално го остваруваме. Нудиме квалитетна настава и згрижување на учениците, а родителите се наши партнери и тие директно учествуваат и го прават сопствениот избор, рече директорот на ОУ „Св. Климент Охридски“.
Јанев го посети и СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ каде пред учениците се обрати и директорката Славица Костоска која на новите ученици им се заблагодари што го одбрале токму ова училиште за да го продолжат нивното образование. Таа на средношколците им порача да го искористат знаењето кое ќе им го пренесат професорите и да бидат достојни носители на звањата економски техничар и медицинска сестра.
На сите ученици од прва година им посакувам добредојде и сакам добро да се чуствувате и добро да напредувате во ова наше училиште. Целта на образованието е висока. Нелсон Мендела рекол образованието е најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промениме светот. Затоа искористете го сето она што ние како наставен кадар ќе ви го пренесиме, рече Славица Костоска, директорката на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ .
Покрај за првачињата денес учебната година во општина Охрид започна и за 4 898 основци и 2 029 средношколци. На ниво на Македонија во училишните клупи седнаa 188.000 основци и 80.000 средношколци. Првпат училишното ѕвонче го слушнаа и околу 22.000 првачиња.