60 години ансамбл „Билјана“
Репертоарот на ансамблот Билјана во сабота доживува преродба.
Неповторливите изведби на старите охридски песни од нашиот познат ансамбл „Билјана“ овековечени преку нивните настапи, со години ги воодушевувале почитувачите на староградската музика. Овој пат по повод еден прекрасен јубилеј, мајсторските звуци на овој ансамбл ќе ни ги пренесат нивните подмладоци од групата „Билјана Јуниор“.
„Ова е музички хепенинг по повод шеесет години постоење на ансамблот „Билјана“ кој го организираме ние, групата Билјана јуниор во нивна чест. Ќе се одржува во месноста Сараиште на 8 Септември со што воедно се приклучуваме и кон одбележувањето на 21 година од македонската независност.“-вели Јован поп Стефанија-член на „Билјана јуниор“.
Јуниорите ќе изведуваат песни карактеристични за ансамблот Билјана, а за утрешниот настап се подготвувале околу две недели.
„Членуваме шест души, Јован поп Стефанија на хармоника, јас, Андреј Лабровски на контрабас, Петар Паскали на виолина, Стрефан Тралески на тарабука, Христијан Томевски на гитара и Теодор Љушкоски на кларинет.“-рече Андреј Лабровски од групата „Билјана јуниор“.
Инаку покрај групата „Билјана Јуниор“, на свеченоста ќе настапат и познати имиња од македонската естрада како Петар Нечовски, Емилија Ѓоревска, Катерина Бачева, Игор Стефановски на гитара. Овој музички хепенинг започнува во 18 часот на Сараиште.
{loadposition content9}