75 проценти од населението страда од сериозното заболување парадонтопатија
Стоматолозите предупредуваат дека ако ова заболување не се третира навремено може да доведе до целосно и неповратно губење на забите.
75 проценти од вкупното население страда од некој вид или некоја фаза на парадонтопатијата. Ова сериозно заболување на потпорниот апарат на забот граѓаните недоволно сериозно го сфаќаат, а последиците од ненавременото или целосниот недостаток на третирање може да доведе до сериозни последици како целосно и неповратно губење на забите. Како и за многу болести на оралната шуплина, и парадонтопатијата претежно е предизвикана од недоволна хигиена при што доаѓа најпрво до воспаление на непцето или гингивитис кој е препознаен како прва фаза од парадонтопатијата.
„Главна причина се бактериите, токсините кои тие ги произведуваат. Бактериите се наоѓаат во денталниот плак, наслага на забите која не е видлива со голо око меѓутоа е една симбиоза од микроорганизми кои што тивко работат во продукција на такви токсини, кои што најпрво го афектираат непцето, гингивата и тоа е тој гингивитис кој што го спомнав и доколку не се третира, првите негови симптоми се крварење и доколку замижиме пред тоа крварење како да е нормално и не се третира, тогаш многу лесно оваа инфламација нашиот одбранбен механизам, нашиот имун одговор, одговарајќи на оваа инфламација прави сопствена автодеструкција на овој лигамент околу забот и коската и доведува до прогресија на болеста.“-вели д-р Емилија Стојаноска од стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.
Д-р Стојаноска вели дека иако во јавноста постои став дека ако ова заболување на потпорниот апарат на забот замине во понапредна фаза не може да се третира, тоа не е така. Додава дека со ласерски третмани или затворена киретажа која се работи во нивниот центар ова заболување може да се сопре. Но притоа пациентите мора да се подложат на сериозна и доследна хигиена на усната шуплина онака како што докторите ќе препишат. Сепак некои луѓе се поподложни на ова сериозно заболување.
„Постои ген кој што не прави предиспонирани на парадонтопатија, меѓутоа доколку има фамилијарна ананмнеза, ако кај некој од членовите од семејството постоела парадонтопатија баш тие пациенти се повнимателни и знаат кои се последиците, претпоставуваат дека го имаат тој ген и понавремено доаѓаат и внимаваат на своето забало. Исто така пушењето може да биде ризик фактор, особено тригер фактор за активирање на генот за парадонтопатија.“-рече таа.
д-р Стојаноска информира дека ако пациентот не е доволно ажурен, не се придржува на советуваната строга хигиена на усната шуплина и се доведе до ситуација да загуби до две третини од забната коска, тогаш единствено решение за проблемот се вештачките импланти за кои вели дека се поскапо, посложено и секако непосакувано решение. За ова да се спречи, редовните контроли на шест месеци и чистење на плакот кој е главен причинител за ова заболување се доволни за да се спречи парадонтопатијата безразлика дали имате наследен ген или не.