Skip to main content

Црвен крст Охрид, под мотото „Светилник на хуманоста“ одбележува 80 години од основањето и непрекинато делување

Црвен крст Охрид одбележува три значајни јубилеи, 80 години од основањето и непрекинатото делување на организацијата, 10 години од меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“ и 15 години од едукативната програма и Центар за развивање животни вештини Бреинобреин. Свечената академија по повод осумдеценискиот јубилеј ќе се одржи на летната сцена на Долни Сарај во петок, аво сабота во предворјето на Св Софија, на Вдиши театар ќе биде изведена интернационална театарска претстава „Балканград“.
 |  Маја Савиќ  | 

Црвен крст Охрид, под мотото „Светилник на хуманоста“ одбележува 80 години од основањето и непрекинато делување. Воедно годинава организацијата прославува уште два јубилеи, 10 години од меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“ и 15 години од едукативната програма и Центар за развивање животни вештини „Бреинобреин“.

„ Навистина голема одговорност, задоволство и чест што можеме вака гордо да ги одбележиме овие јубилеи. Овој јубилеј 80 години од основањето и непрекинатото делување на Црвен крст Охрид е јубилеј кој претставува можност да оддадеме признание и почит на сите основачи, волонтери, вработени, поддржувачи, на генерации охриѓани кои одвоиле време и дел од себе да бидат дел од оваа организација. – изјави Сашо Точков – Претседател на ОО Црвен крст Охрид.

Свечената академија по повод осумдеценискиот јубилеј ќе се одржи на летната сцена на Долни Сарај во петок во 20:30 часот. Ќе бидат доделени јубилејни признанија на поединци и организации кои долгогодишно соработувале и придонеле за развој на охридскиот Црвен Крст.

На свечената академија се добредојдени сите кои се чувствуваат хумани, кои биле дел и кои имаат желба во иднина да станат дел од Црвениот крст, порачува претседателот СашоТочков.

„ Оваа свеченост нема да биде само прослава туку сакаме да ја поставиме како еден вид потсетник дека хуманоста е тоа што е највредно и најзначајно, тоа што ние го имаме и даваме. И во оваа насока сакам да упатам апел до сите да продолжиме во истата насока да бидеме светилник на хуманоста и да го докажеме и покажеме тоа што навистина го заслужуваат и охриѓани и сите кои се вклучени во нашата организација.“ -потенцира Точков.

Славењето продолжува во сабота, на 14-ти јуни со овогодинешното јубилејно десетто издание на Меѓународниот Аматерски Младински Театарски Фестивал „Вдиши Театар“.

Во текот на изминатата деценија, на сцената на Вдиши театар продефилираа повеќе од 300 охридски младинци и учесници од збратимените организации на Црвен крст од Суботица, Крагуевац, Бар, Требиње и Ужице кои одиграа 40 претстави. Заеднички, 10 години создаваме простори за дијалог, толеранција, креативно, критичко изразување и надеж, и тоа ќе го одбележиме со изведба на интернационална театарска претстава „Балканград“, вели Весна Терзиоска – Потпредседателка на Црвен крст Охрид.

„Интересно е да се напомене дека оваа година ќе имаме само една претстава и тоа е заедничка претстава, компилација на сите пет општински организации, кои ќе учествуваат во јубилејното издание, тоа се ОО на Црвен крст Охрид, и организациите на Крагуевац, Ужице, Суботица, Требиње и Бар. Сакам да напоменам дека низ годиниве во овој фестивал Виши театар учествувале од Охрид над 106 актери волонтери и сите оние волонтери кои помагале со логистика и изразуваме голема благодарност до сите волонтери и вработени во Црвен Крст Охрид, до сите сограѓани кои не поддржуваат, а воедно сакаме да ги поканиме да ја погледнат нашата претстава Балканград во сабота. “ – изјави Терзиоска.

Младата Софија Јаковлева е долгогодишна волонтерка на Црвен Крст Охрид и талентирана актерка во Вдиши театар веќе три години. Вели дека со нетрпение очекува да се собере актерската екипа на претставата Балканград и после долгите и интересни подготовки, од кои дел биле он-лајн со волонтерите од збратимените градови, да го склопат делото во живо.

„Можам да кажам дека секоја година возбудата е голема, меѓутоа оваа година е навистина нешто посебно затоа што имаме спој со сите збратимени градови и оваа претстава, повод јубилејот на Црвен Крст и 10 години од аматерскиот театар, направивме едно дело, претстава со збратимените градови на различни јазици, односно успеавме да склопиме секој на својот јазик да го претстави она што навистина го сака. “ – изјави Софија.

Претставата „Балканград“ која зборува за иселувањето на младите од балканските држави во потрага по подобар живот, ќе биде изведена на 14ти јуни во предворјето на црквата Св. Софија со почеток во 20:30 ч. Влезот е слободен. Проектот „Вдиши театар“ се реализира со поддршка на Општина Охрид.