Skip to main content

Сојуз на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи

80 години од издавањето на Манифестот на Главниот Штаб на НОБ и ПОМ

Главниот Штаб на НОВ и ПОМ под раководство на Генерал Михајло Апостолски, на 3 Октомври 1943 година, го издаде Манифестот, во кој беа изнесени целите на НОВ во Македонија, со повик до народот сите патриотски сили да се вклучат во борбата за слобода.
 |  инфодеск  | 
ЦРВЕНА ВОДА СПОМЕНИК

Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и локалната самоуправа на општина Дебрца, во село Црвена Вода денеска ја одбележуваат 80 годишнината од издавањето на Манифестот на ГШ на НОБ и ПОМ и други значајни настани од НОБ и Револуцијата во 1943 година, со полагање свежо цвеќе на спомениците на паднатите борци од НОБ и жртвите на фашистичкиот терор.

За време на шестомесечниот престој на највисокото воено-политичко раководство на НОБ во Црвена Вода, донесени се многу документи, значајни за создавањето на сопствена држава, желба на многуте генерации низ минатите векови. Главниот Штаб на НОВ и ПОМ под раководство наГенерал Михајло Апостолски, на 3 Октомври 1943 година, го издаде Манифестот, во кој беа изнесени целите на НОВ во Македонија, со повик до народот сите патриотски сили да се вклучат во борбата за слобода. Овој Манифест, заедно со Манифестот на Крушевската република и со одлуките на Првото заседание на АСНОМ се вбројуваат во историски најзначајните документи врз кои се поставува државно-правната основа на македноската државна заедница.

Пред и по донесувањето на Манифестот, се случија и други значајни настани на оваа територија. Имено на 18 Август на Славеј Планина, се фoрмира првата покрупна македонска воена единица – батаљонот ,,Мирче Ацев“, потоа на 11 Ноември во Сливово се формира и првата Македонско – косовска бригада. Во втората половина на септември 1943 година, при Главниот штаб во Црвена Вода, пристигна првата сојузничка англиска воена мисија. На слободната територија почнаа со работа и првите училишта, во кои наставата се изведуваше на македонски јазик. Во Издеглавје се одржа првиот сvештенички собор и се формираа Командата на местото, како војнозаднинска институција, и Околискиот народноослободителен одбор кои се грижеа за редот, безбедноста и мирот на слободната територија. Месните народноослободителни одбори и околискиот НОО, беа вистинска народна власт на оваа територија. Формиран е Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и беа избрани делегатите за учество на Второто заседание на АВНОЈ.

„Постоењето на слободната територија во Западна Македонија, донесените одлуки и документи на оваа територија, организираноста на целокупниот систем на власт, судство, позадина, војска, просвета, организирање на свештенството, присуството на странски воени мисии и друго, се карактеристики на секоја држава. Затоа и нашето тврдење, дека токму овде, на слободната територија на Дебрца, во 1943-та година се раѓаше и се оцртуваа контурите на денешна слободна, независна и суверена македонска држава. Поради сето горе наведено, 3 Октомври е прогласeн за патронен празник на општина Дебрца.“ – велат од Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи.