Skip to main content

82 години од издавањето на Манифестот на Главниот Штаб на НОБ и ПОМ

Главниот Штаб на НОВ и ПОМ под раководство на Генерал Михајло Апостолски, на 3 Октомври 1943 година, го издаде Манифестот, во кој беа изнесени целите на НОВ во Македонија, со повик до народот сите патриотски сили да се вклучат во борбата за слобода.
 |  инфодеск  |  ,

Денес, во село Црвена Вода денеска се одбележува 82 годишнината од издавањето на Манифестот на ГШ на НОБ и ПОМ и други значајни настани од НОБ и Револуцијата во 1943 година.

За време на шестомесечниот престој на највисокото воено-политичко раководство на НОБ во Црвена Вода, донесени се многу документи, значајни за создавањето на сопствена држава, желба на многуте генерации низ минатите векови. Главниот Штаб на НОВ и ПОМ под раководство на Генерал Михајло Апостолски, на 3 Октомври 1943 година, го издаде Манифестот, во кој беа изнесени целите на НОВ во Македонија, со повик до народот сите патриотски сили да се вклучат во борбата за слобода. Овој Манифест, заедно со Манифестот на Крушевската република и со одлуките на Првото заседание на АСНОМ се вбројуваат во историски најзначајните документи врз кои се поставува државно-правната основа на македноската државна заедница.

Пред и по донесувањето на Манифестот, се случија и други значајни настани на оваа територија. Имено на 18 Август на Славеј Планина, се фoрмира првата покрупна македонска воена единица – батаљонот ,,Мирче Ацев“, потоа на 11 Ноември во Сливово се формира и првата Македонско – косовска бригада. Во втората половина на септември 1943 година, при Главниот штаб во Црвена Вода, пристигна првата сојузничка англиска воена мисија. На слободната територија почнаа со работа и првите училишта, во кои наставата се изведуваше на македонски јазик. Во Издеглавје се одржа првиот сvештенички собор и се формираа Командата на местото, како војнозаднинска институција, и Околискиот народноослободителен одбор кои се грижеа за редот, безбедноста и мирот на слободната територија. Месните народноослободителни одбори и околискиот НОО, беа вистинска народна власт на оваа територија. Формиран е Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ и беа избрани делегатите за учество на Второто заседание на АВНОЈ.