Skip to main content

Охридскиот аеродром годинава се очекува да ја заокружи со опслужување на 400 илјади патници

Растот на охридскиот аеродром е дел од зголемениот авио-сообраќај во земјава. Во истиот период, двата македонски аеродроми опслужиле повеќе од 3,3 милиони патници, што е годишен раст од 29 отсто.
 |  инфодеск  | 

Охридскиот аеродром продолжува со значителен раст на патничкиот сообраќај. Во првите девет месеци од годинава, Аеродромот „Св. Апостол Павле“ опслужил 265.993 патници, што е зголемување од 26,76 отсто во споредба со истиот период лани. Бројот на летови е зголемен за 27,06 отсто, на вкупно 2.066.

Растот на охридскиот аеродром е дел од зголемениот авио-сообраќај во земјава. Во истиот период, двата македонски аеродроми опслужиле повеќе од 3,3 милиони патници, што е годишен раст од 29 отсто.

Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, Охридскиот аеродром годинава ќе надмине 350 илјади, а можно е да достигне и 400 илјади патници.

„Оваа година Охрид ќе помине 350.000–400.000 патници, со многу голема шанса да го замине нишкиот аеродром“, изјави Николоски, посочувајќи дека растот отвора можност и за проширување на базата на „Wizz Air“ во Охрид со уште еден авион.

Во тековниот летен распоред, од охридскиот аеродром летаат осум авиокомпании до 17 дестинации, од кои 14 се редовни или сезонски, а три се чартер дестинации. Годинава се воведени и четири нови дестинации: Милано, Виена, Вроцлав и Катовице. Најфрекфентни дестинации од Охрид во првите девет месеци се Братислава, со 14,4 отсто од патничкиот сообраќај, Базел со 12,5 отсто, Дортмунд со 12,4 отсто, Меминген со 11,7 отсто и Цирих со 8,7 отсто.

„Wizz Air“ има најголем удел во патничкиот сообраќај од охридскиот аеродром, со 70 отсто, по што следуваат „Chair Airlines“, „Turkish Airlines“, „TUI“ и „TUI UK“.

Според податоците на ТАВ Македонија, растот на авиосообраќајот во земјава е потврден и од ACI-Europe, кој во август ја рангирал Северна Македонија како втор најбрзо растечки авијациски пазар во Европа.