По вонредните засилени контроли кои Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги спроведе во туристичките центри во земјава, покрај редовните контроли, инспекциските служби на АХВ продолжуваат со спроведување на засилени контроли на целата територија на државава. Во моментов во тек е спроведување на вонредни контроли во угостителските објекти во целата земја, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа надзор и во месарница во туристичкиот центар Охрид. Поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 1000 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност, се додава во соопштението од АХВ.
Во тридневните спроведени вонредни контроли, инспекциските служби на АХВ издадоа 33 решенија за утврдените недоследности, а изречени се и 14 парични казни. Покрај ова изречени се и мерки за забрана за вршење на дејност до исполнување на условите, наредено е регистрирање на нерегистрираните оператори со храна , а како небезбедни уништени се 640 килограми храна од животинско потекло.