Skip to main content

Вештачката интелигенција носи нови безбедносни ризици

Сајбер-напади, злоупотреба на лични податоци, дезинформации и загрозување на критичната инфраструктура се дел од новите ризици што ги носи забрзаниот развој на вештачката интелигенција и паметните технологии. Експертите и институциите предупредуваат дека безбедносните механизми мора да се приспособат на новата дигитална реалност, а МВР најавува воведување технологии базирани на вештачка интелигенција од 2027 година.
 |  инфодеск  | 

Вештачката интелигенција и паметните технологии забрзано го менуваат секојдневието, но отвораат и нови безбедносни ризици. Од сајбер-напади и злоупотреба на чувствителни податоци, до дезинформации и загрозување на критичната инфраструктура – институциите се соочуваат со закани за кои традиционалните модели на заштита можеби нема да бидат доволни. Експертите предупредуваат дека безбедноста мора да го следи темпото на технолошкиот развој.

„Еден од основните предизвици, јас би рекол, вештачката интелигенција сè уште е непозната. И како можност, и како придобивка, но и како закана. И токму затоа е многу важно да ги следиме алатките кои што ќе се развиваат. За само една година се креирани околу 7,5 милиони нови апликации кои што се поддржани од вештачката интелигенција, па дури и ние на универзитетите веќе самостојно креираме наши алатки. Сето тоа мора да биде соодветно следено и да се обидеме да ги превенираме евентуалните штети кои што вештачката интелигенција може да ги предизвика по нормалното работење на институциите.” -изјави Проф. Никола Дујовски.

„Новите технологии, пак, бараат и нов пристап од безбедносните институции. МВР најавува воведување дигитални алатки и системи базирани на вештачка интелигенција.”

„Вештачката интелигенција, хибридните закани, сите оние предизвици кои што ни доаѓаат со текот на оваа современа технологија која што ја имаме секојдневно, се особен предизвик, како од правен аспект, така и од безбедносен аспект, така и од аспект на институционален однос. И навистина, освен што мораме да сме во чекор со времето во делот на примената на нови технологии, така мораме да сме во чекор со времето и подготвени на предизвиците кои што ги имаме пред нас. Министерството за внатрешни работи во текот на 2027 година ќе започне со примена на одредени технологии кои што во себе содржат алатки дигитални, кои што во себе содржат вештачка интелигенција, кои што во себе содржат сè тоа што се нуди во рамките на 21 век, како технолошки предизвик.” – изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

Промените не го заобиколуваат ниту образованието. Напротив, младите се меѓу оние кои најинтензивно ги користат новите технологии. Затоа, покрај дигиталните знаења, станува сè поважно да имаат и знаења за ризиците – од злоупотреба на лични податоци до манипулација со информации.

„Тргнуваме со образовен систем кој опфаќа 250.000 ученици и 60.000 студенти. За некои други земји е мал број, но за нашата земја е значителен број. Учениците и студентите кои мораме да ги насочиме кон новите технологии, но и да ги заштитиме од потенцијалните ризици. Ако чекориме кон иднината, границата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет речиси целосно исчезнува. Вештачката интелигенција, автономните системи и паметните мрежи навлегуваат активно во нашите градови, економија, образование, здравство, инфраструктура. Оваа трансформација носи огромни можности, но и редефинирани предизвици. Во оваа нова ера се соочуваме со три клучни предизвици: проширени сајбер-закани, дезинформации и заштита на приватноста.” – изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Колку повеќе дигиталните системи стануваат дел од секојдневното функционирање на општеството, толку поголема станува и потребата од нови механизми за заштита. Во Охрид се одржува 17 Меѓународна научна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“. На дводневниот научен собир организиран од Факултетот за безбедност во Скопје, со поддршка на Министерството за внатрешни работи, учествуваат претставници на академската и научната заедница, безбедносните институции и јавниот сектор, истражувачи и практичари од земјава, регионот и пошироко.

Ќе бидат презентирани 73 научни трудови од областа на полициското работење и новите технологии, паметниот сообраќај и урбаната мобилност, глобалната безбедност и меѓународната соработка, етиката, правото и дигиталната отпорност, како и хибридните закани и информациската безбедност…

новинар: Соња Рилковска