Академски граѓани или армија заокружувачи?
Конципирање на испитни прашања кои ќе ја покажат реалната слика за подготвеноста на студентите и академска слобода на професорите да бараат и усно полагање ако се сомневаат во знаењата на студентот.
Дали македонското високо образование навистина креира академски граѓани или само армија заокружувачи. Ова е прашањето кое провејува веќе 13 години откако за прв пат во нашата држава беше воведен Болоњскиот концепт на високо образование. Со поделба на испитниот материјал на колоквиуми и формирање тестови со прашања кои се заокружуваат, сомнежот и тоа како оправдано постои дека добар дел од студентите наместо да добијат вистинска наобразба, само ќе се трудат со минимален труд да ги положат испитите не водејќи сметка за тоа дали нешто реално научиле.
„Ако тргнеме дека секој студент има различни амбиции, некој доаѓа со цел да го положи испитот, некој доаѓа за да се издвои од групата па да добие повисока оценка. Во секој случај 51 процент е минимална граница за полагање на еден испит или колоквиум, безразлика, и тоа е сосема доволно и кога ќе се додадат тие 20 поени, во нашиот факултет се 20 поени за активност како што се семинарски, презентации, мислам дека студентот може да ја заокружи таа оценка која самиот сака да ја постигне.“-вели студентката Фросина Климоска.
За студентот Игор Симеонов кој дел од својата наобразба благодарение на ЕКТС ја добил во Сплит, Хрватска, студентите кои се обидуваат на среќа да ги заокружуваат прашањата тоа можат да го прават само до одреден стадиум.
„Тие така ќе туркаат со факултетот до одреден степен. Секој е способен да научи за една студентска шестка, но ако и со игра на среќа и снаодливост заврши под одредени околности факултет тоа би имало само краткотраен ефект. Чисто се сомневам дека ќе можат да се снајдат во било кое општество.“-рече Симеонов.
Според професор д-р Ирина Петровска од Факултетот за туризам и угостителство која воедно работи и на Еразмус плус програмата за мобилност на студенти при овој факултет, вели дека по воведувањето на Болоњскиот процес, професорите најголемиот дел од своето време го користат за создавање на соодветни прашања на тестовите, а многу помалку на подготвување на предавањата.
„Се нема време, се има многу студенти. Сепак потешката работа е на страната на професорот, затоа што професорот е тој кој треба да компонира таков тест кој не смее да му одземе на студентот, во 60 минути максимум треба да претпоставиме за првиот дел од материјалот, за првиот колоквиум така убаво да се компонираат прашањата, да може професорот да добие што подобра слика, но никогаш тоа не може да се спореди со оној начин кога усно ги испрашувавме студентите.“-изјави проф.д-р Ирина Петровска од ФТУ.
Најголемите забелешки и на стручни лица, на професори кои учествуваат во образовниот процес како и на самите студенти е токму тоа дека со полагање на колоквиуми во кои се заокружуваат точните одговори, студентите немаат можност да ги развиваат нивните ораторски способности, како и тоа дека не можат да ја развиваат критичката мисла која е задолжителна за лица кои се нарекуваат академски граѓани. Ова според проф.д-р Петровска се постигнува токму со активностите на студентите на предавања, преку презентации и проекти кои јавно се презентираат пред стотина и повеќе студенти.