Академскиот сликар Славко Упевче одбележува златен јубилеј 5 децении од неговото ликовно творештво
Пола век познатиот сликар е хроничар на Охрид , а на неговите дела се трајно зачувани спомените од минатото. Со новото време многу градби и белези на градот исчезнуваат, а желбата на сликарот е да се зачуваат белезите по кои Охрид и езеротo се препознатливи во светот.
Охридскиот сликар Славко Упевче во континуитет од 5 децении со четката и боите ги чува од заборав белезите по кои се препознатливи Охрид и Езерото. Во текот на сите овие децении Упевче во своите дела ги заробил спомените на делови од Охрид, од неговите сокаци, архитектура, калдрмата, дрвата , езерското синило. Со изложба годинава одбележува златен јубилеј од 5 децении на неговото творештво. Вели, почнав да сликам како дете, па како тинејџер, како возрасен вработен човек и сега како пензионер.
„ Од првата самостојна изложба организирана како гимназијалец во гимназијата Св. Климент Охридски во 1969 гопдина и сега во 2109 година е еден приод од пола век од како се занимавам со ликовна дејност. Јас сум хроничар на градот и се што гледате на овие слики се работи кои постоеле , но со тек на времето исчезнале како што се исчезнува, а само сликата останува вечна“, споделува Упевче.
Изложбата ги собра почитувачите на академскиот сликар, неговите колеги и граѓаните кои го сакаат Охрид и езерото. Изложените слики кои се ретроспектива на дел од неговиот творечки опус предизвикаа носталгија по едно минато време кое полека исчезнува .
„ Јас живеев и се родив во Федеретивна Народна Република Македонија, па во Социјалистичка Република Македонија, потоа во Република Македонија и еве сега во Северна Република Македонија. Се се менува и не останува едно исто. Човек мора да се помири со тоа. Јас би сакал промените да се кон подобро да не се ретроградни. Но, да не одиме само во изградба и да се запостави она што е белег на Охрид, по она што не познава светот како град и езеро заштитени под Унеско. Но, состојбата е се поизразито комерцијална, профитот е се поважен пред природните убавини “, вели мудро вредиот сликар.
Љубителите на сликарската уметност ќе имаат можност да ја посетат изложбата во Музејот Куќата на Робеци. 52 дела од неговото богато ликовно творштво ќе бидат изложени до 18 јули. Златната јубилејна изложба е дел и од еден друг значаен јубилеј, 4 децении од прогласувањето на Охрид како дел од светското културно наследство под заштита на Унеско.