Извршени 44 акциски контроли за незаконски риболов во Охридското Езеро, запленети 702 парчиња риба и 25 мрежи

Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ – Охрид во текот на јуни и јули годинава извршила 44 акциски контроли во водите на Охридското Езеро, насочени кон санкционирање на кривичното дело „незаконит риболов“, откривање сторители, како и пронаоѓање мрежи и други предмети поврзани со извршување на кривични дела.
При контролите, полициските службеници затекнале две лица при вршење на кривичното дело „незаконит риболов“. Станува збор за едно лице од охридското село Пештани и едно лице од Струга, кои биле приведени во полициска станица, а против нив се поднесени соодветни пријави.
Во текот на акциските контроли биле пронајдени вкупно 25 т.н. висечки рибарски мрежи, со вкупна должина од четири километри и 900 метри, кои се најстрого забранети за лов на риба. Запленети се и 702 парчиња охридска белвица, со вкупна тежина од 97,1 килограм.
Од СВР – Охрид информираат дека и во наредниот период ќе продолжат со акциски контроли по овој основ, како и согласно одредбите од Законот за внатрешна пловидба.







